Точно во 12:05 часот започна 30-тиот Марш за ангелите на семејствата на загинатите од Пулс, кој овојпат се одржа во Скопје. Илјадници граѓани на главниот град им дадоа поддршка на мирниот протест.
Семејствата и протестантите побараа правдата и вистината да излезат на виделина, кои се одговорните, да се дознае кој можел да спречи, а не го направил тоа, кои институции задоцниле со реакција, да преземат мерки и да се направи се ваква трагедија никогаш повеќе и никому да не му се случи.
Маршот почна од плоштадот „Македонија“, од каде што продолжи кон Собранието, а потоа учесниците се упатија пред Основниот кривичен суд Скопје.

Пред македонското Собрание се обрати Наталија Ѓорѓиеска, сопругата на Андреј од ДНК.

-Не бараме сожалување и сочувство, бараме правда, вистина, фер постапка и гаранција дека ниту едно семејство нема да се разбуди во ноќта која ние ја преживеавме, рече таа.
Никој, истакна Ѓорѓиеска, не е заштитен кога институциите не ја вршат својата работа. Затоа, како што рече, ова не е политички повик, туку повик од срце за правда за вистина и за човечност.

-Почитувани пратеници бараме да покренете иницијатива за одржување надзорна расправа пред надлежна собраниска комисија, како и да формирате посебна анкетна комисија за целосно и независно испитување на трагедијата бидејќи загубата не е бројка, туку живот. Во овој случај нарушени се права на живот и безбедност на навремено и ефективно постапување на институциите во ситуација со закана по живот. Бараме да се утврди зошто интитуциите задоцнија. Никој не треба да живее во мислата дека некој можел да биде спасен, а не бил. Никое семејство не треба да носи болка која е последица на ваков пропуст негрижа или недејствување. Бараме да се утврди вистината каде се случиле пропустите, кој не реагирал, кои интитуции задоцнија. Која ја имал должноста да спречи, а не спречил, истакна таа.

Според родителите и роднините на загинатите во пожарот во дискотеката во Кочани истражувањето што се водело останало нецелосно со отворени прашања без одговор и недоразјаснети околности.
-Ние семејствата останавме со сомнеж дека вистината овојпат е сокриена. Анкетната комисија треба да обезбеди фактите да излезат на виделина, проверка на постапување на сите институции од локално до централно ниво. Да се утврди евентуална политичка или службена одговорност да се подготват мерки кои ќе спречат и гарантираат дека ваква трагедија никогаш повеќе, никому нема да му се случи, рече сопругата на Андреј.

Организаторите на маршот порачуваат дека се свесни оти патот до правда ќе биде долг и тежок, исполнет со отпор и искривени намери. Но, нагласуваат, ако се пронајде заедничката точка на сплотување и сите застанат еден до друг, системот нема да има друг избор освен да постапи онака како што бара народот.
Пред институциите се обратија и родителите на повеќе загинати во катастрофалниот пожар, кои повикаа на правда, но и ја споделија болката како е да се живее секој ден како родители и блиски на жртвите од трагедијата.
„Секоја вечер да ја гледаш собата празна, да се прашуваш каде е твоето дете, да ја гледаш собата и постелата празна секое утро. Нашата болка нема крај, рече Габриела Наунова, мајка на загинатата Надица Наунова.
„Не сакам да имам омраза кон никого, но ме принудија. Не е ова живот, не е ова среќа, ове луѓе болка, ова е трагедија која што не уништи нас“ – рече татко на загинато момче.
„Бараме судење без одлагање, без селекивност, да се слушне секој факт и да се утврди секоја одоговорност, колку и да е непријатна, вели Розета, сестра на Јорданчо Џамов.
„Секое одолговлекување на постапката е нова рана за нас и нов удар врз довербата за правосудството“ – вели Александар, татко на загинатата Надица Наунова.
Судењето за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која животот го загубија 63 лица, а беа повредени околу 200, ќе започне на 19 ноември во судницата на КПУ Идризово. Случајот опфаќа 38 обвинети – 35 физички и три правни лица. Судењето ќе се води со темпо од две рочишта неделно, а првичните термини се закажани за 19, 25 и 26 ноември.
Судот најави дека ќе преземе засилени безбедносни мерки, вклучително и присуство на лекарска екипа. Надлежните упатија апел до медиумите и јавноста за достоинствено и одговорно известување, без сензационализам, со почит кон жртвите и сите страни во постапката.
(К.М. и МИА)




