Со преземањето на градоначалничката функција, Изет Меџити не е повеќе министер за заштита на животната средина и просторно планирање, поради што во неговата партија Демократското движење се разгледуваат имиња кои би го замениле во ова министерство.
Ова го потврди пратеничката Саранда Имери во изјава за ТВ Шења.
„Се дискутира за името на Мухамет Хоџа, знаете дека тој ја извршуваше функцијата портпарол на Владата. Тој е многу професионална личност и мислам дека успешно ќе си ја врши работата и ќе биде министер, условно велам ако биде избран, со добри перформанси, врз основа на неговиот професионализам и искуство“, изјави Имери.
Изет Меџити во Владата имаше две функции – потпретседател и министер. По неговото заминување од владиниот состав во албанскиот политички блок се пренесе информацијата дека Беким Сали, поранешен министер за здравство во владата на СДСМ, би можел да биде потпретседател, но не и министер.
Додека албанскиот партнер смета дека министерското место во МЗЖС треба да биде на коалицијата на ВЛЕН, премиерот Христојан Мицкоски во ТВ интервју рече дека со албанскиот коалиционер имаат утврден договор за определен број на министри.




