Во најновото издание на емисијата Стадион, насловено како „Кочани, хроника на една најавена трагедија“ гостуваат повеќе родители на настраданите во катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“. Еден од петтемина штипјани загинати во пожарот е 19-годишниот Дамјан Танески, за чии последни часови се сеќава неговата мајка, Наташа Танеска:
„Се спремавме за роденден, за матурска. Две недели претходно купивме одело за матурска. Еуфорија. Меѓутоа, тој ден сето тоа се уништи. Костумот наместо за матурска го облековме за погреб. Имаше многу желби, многу особено последните две недели стално зборуваше „ова ќе правам“, „тоа ќе правам“. Го влечеше киропрактика, сакаше да продолжи со тоа, учеше медицина, физиотерапевт. Сакаше и да работи, вреден, сите претходно ми велеа „немаш поим какво скромно дете имаш“. Откако се случи тоа сфативме какво дете сме имале. Беше отиден на роденден тој ден, во ресторан, на внуче наше на роденден и секогаш на тие родендени остануваше кај братучед му. Си се дружеа, утредента или тој ќе го донесеше или ние ќе го земевме. Се вратија околу 23 часот вечерта, ми се јави, „мамо, што правиш? Завршивме во ресоранот, сега се прибираме накај дома“. Седнале дома и околу пола час по полноќ како нешто да ги подигнало двајцата, да одиме да се расположиме, да пееме, да играме. Изглегле, во 02:32 пратил порака на другарите во Штип дека забавата е добра ама дека има многу гужва и во 02:36 од сосема друг разбрале дека дискотеката се запалила, дури шала им се чинело оти 4 минути поминале откако им пишал Дамјан. Меѓутоа, кога тргнале веќе низ градот да си одат накај дома, почнале да гледаат амбулантни возила. Му се јавиле прво на сопругот, тој отишол во болницата, не успеал да го види Дамјан, Дамјан бил меѓу првите однесени со приватно возило. Го препознале во Кочани и го прашал детето дали ќе сака да го донесе во штипската болница. Пробале да го реанимираат пред дискотеката, не успеало. Детето се согласило, го донел право за Штип. Другарите негови помагајќи на симнувањето од болницата, го виделе. Рекоа „тета Нате, очите му беа скроз отворени, викавме Даме, Даме, но не се сврте накај нас, а докторка пробуваше да го реанимира“. Дамјан излегол меѓу првите, се сретнал со друг братучед надвор и го барал меѓу гужвата братучед му Дарко, не го нашол, успеал да се одтргне и да се врати назад во пожарот, викнал од внатре двапати и тоа било крај за него. Се задушил.“ – се сеќава во болка мајката на Дамјан, Наташа Танеска.
Целата емисија Стадион можете да ја проследите на линкот:






