„Надица беше едно девојче чија светлина беше поголема за светот во кој живееме. Зборуваме за Надица, ученичка во трета година средно економско. Уште првиот ден покажуваше дека е родена со огромно срце. Надица беше пример за инспирација, мечта која чекореше на две нозе. Сакаше да студира во Словенија на економски факултет.“ – со овие зборови го започна своето обраќање нејзиниот татко, Александар Наунов, кој во емисијата Стадион на Канал 77, се присети на ужасите од 16-ти март:
„Таа кобна вечер во 02:45 ѕвонеше мојот телефон, ние спиевме, кога една пријателка ни вика „Дискотеката Пулс горе“, видете дали е вашето дете дома. Мојата сопруга се стрча кон нејзината соба, виде дека не е, почнавме одма да и ѕвониме, она не се јавуваше. Во тој момент излеговме, побрзавме таму, прво не не пуштаа полицајците кај Национал да влеземе. Мојата сопруга отиде кон дискотеката, јас морав да најдам каде да ја ставам колата. Кога ја сместив колата, тргнав нагоре, брзата помош веќе првите пациенти ги качуваше. Кога видов голем црн чад, се кршеа вратите, деца имаше на прозорците во тоалетите со решетки, викаа за помош. Мојата сопруга почна да крши со раката гипс картон, нејзе не и давале да влезе внатре да ја бара. Кога дојдов веднаш влегов, веднаш ја видов, секој ќе си ја познае ќерката од прва. Немаше знаци на живот. Кога ја извлеков од дискотеката пожарникарите уште тела изнесуваа на влезот на дискотеката меѓу вратите. Уште имаше деца што не беа извадени од тоалетите, уште се слушаа крици за помош. Кога Надичка ја изнесовме од дискотеката, едно дете ни даде шише вода, почнавме да ја миеме, немаше никакви знаци. Мојата сопруга рече оди земи ја колата, ќе ја носиме во болница, секунди се во прашање. Отидов по колата, кога дојдов, веќе даваа да се носат пациенти со коли, оти беше огромна маса на луѓе, па кој стаса прв, носи повредени деца. Кога стигнав да видам каде е мојата сопруга, едно дете ми рече „Надица ја однесоа во болница, може ли ти други да однесеш“. Реков нема проблем. Јас, додека се качуваа децата, викав „Габи, Габи!“ по мојата сопруга, за да не ме манипулира некој, за не дај Боже мојата ќерка да остане таму. Се качија 4 деца, напред беше девојче со виткана коса, и висеше целата кожа од лицето надолу. Децата позади не ги знаев. Кога стигнавме кај брзата помош имаше веднаш координација и рекоа тие што носат пациенти можат да влезат во болницата, тие што не носат, да ги тргнат колите на страна, за да не се попречува влезот. Бидејќи го заборавив телефонот, го зедов телефонот на Давид Малинов, вработен кај мене, да и ѕвонам на сопругата, она рече горе сме на Хирургија. Доаѓај вика, животот на Надица е во Божји раце. Се качив, ја најдов, и рекле на сопругата да излезе од просторијата. Почнавме да се молиме, сопругата рече оди помагај на другите, белки Господ ќе се смилува на нашето дете. Сападнав доле, се што требаше да се помогне, помагав. После пола саат се качувам горе, Габи, мојата сопруга плачеше, вика „Ја изгубивме Надица“. Кога влеговме во салата каде што е она, немаше никој. Може да немало и 15 минути и 20 минути, може и да била оставена така. Немаме никаков одговор од тие што и пружија помош дека „жалиме, ја изгубивме, немаше пулс, не можевме да ја вратиме“. Знам кои беа персонал. Бевме најдобри пријатели, куќни пријатели, да не дојдат да кажат која е ситуацијата со мојта ќерка. Мојата иднина беше во неа, јас заслужувам да дојде некој да рече што се случило. Инфузијата и течеше надвор од раката, што и ставале не знаеме, нивна обрвска беше да ја кажат ситуацијата, ние тоа не го добивме од лекарите.“ – вели Александар, татко на Надица Наунова.
Целата емисија Стадион можете да ја проследите на линкот:






