Уличните продавачи, рестораните и хотелите во најважните туристички области на Истанбул доживуваат деловни загуби поради загриженоста од голем број случаи на труење. Еден од тие случаи е семејство од Германија, чии сите членови починале.
Според Здружението на ресторани и туризам (ТÜРЕС), продажбата на печени компири, школки и кокореч (јадења од јагнешки црева) од страна на уличните продавачи во Бешикташ се намалила за повеќе од 80 проценти во првите денови по случаите на труење. Покрај тоа, продажбата на донер и доставата на храна се намалени за 25 проценти.
Ридван Туршак од ТÜРЕС изјави за весникот „Хуриет“ дека продажбата на храна е сè уште за 40 проценти помала во споредба со времето пред случаите на труење. Тој го посочи Бешикташ како дел од градот каде што намалувањето е најголемо. Тоа е дел од градот со традиција на продажба на улична храна.
Деловните проблеми за угостителите започнаа претходно овој месец, по труењето на семејство од турско потекло кое дошло во Истанбул од Германија. Станува збор за семејството Бочек, а сопружниците Сервет и Чигдем и нивните деца Кадир Мухамед и Масал починаа. Сите починаа откако јаделе храна од уличен продавач во Ортаќој, Бешикташ.
Сепак, истрагата утврди дека причина за смртта на ова семејство всушност бил алуминиум фосфид од фумигацијата (дезинсекцијата) на хотелот Фатих каде што престојувале. Туршак нагласи дека првичното сомневање за храна од улични продавачи ја разнишало довербата.
Меѓу затруените се 25 лица кои побарале медицинска помош откако консумирале храна од доставата на истиот ресторан во истанбулската населба Шишли. Овој ресторан бил затворен откако инспекторите утврдиле дека работи без лиценца.
Дополнително, 26-годишен инженер е на интензивна нега откако испил турско кафе направено со детергент за машина за миење садови, предизвикувајќи тешки хемиски изгореници, пренесува кликс.ба.







