Рекламните објекти одамна не се само алатка за промоција – тие се дел од урбаната слика на секоја општина. Од класични билборди и светлечки натписи, овие конструкции ја покажуваат динамиката на економијата и локалниот бизнис, но и колку една општина вложува во уредување на јавниот простор. Најчести корисници се локалните компании, угостителските објекти, маркетите, авто-сервисите и франшизните брендови кои ги користат за да бидат поприсутни кај граѓаните и туристите, а кога станува збор пак за билбордите, нив ги гледаме за време на изборните циклуси, но и долго после истите каде со години реклами на политички партии се присутни низ градовите.
Иако општините надвор од Скопје имаат далеку помалку рекламен инвентар од главниот град, и овде бројките не треба да бидат занемарени. Она што често останува „невидливо“ за јавноста е фактот дека голем дел од рекламните објекти во помалите општини предизвикуваат визуелен хаос, но и финансиска штета за општините, кои би требало да остваруваат приходи од таксите и надоместоците.
Политичките билборди — поставени пред избори, за време на избори, но и многу често долги месеци по изборите — станаа трајни жители на јавниот простор. Во многу општини, токму партиските реклами се доминантни на главните патишта, кружни текови и влезови во градовите. Фотографии од изборни кампањи оставаат впечаток како да е „вечна кампања“, со постери кои избледуваат, се киваат, но ретко се отстрануваат. Ова создава визуелен хаос, ја нарушува уредноста на општините и го деградира јавниот простор, кој треба да биде функционален и естетски уреден — а не запуштена партиска архива.
Според Лилјана Пецова-Илиeска од здружението ИМПЕТУС – Центар за интернет, развој и добро управување кое ги следи политичките билборди за време на изборите, нивниот фокус не е само „да бројат билборди“, туку системски да го следат платеното политичко рекламирање и начинот на кој се користи јавниот простор за време на изборни кампањи.
„Ова го правиме веќе трет пат, мониториравме за изборите во 2020, 2021 и сега 2025. За сите три избори имаме посебни мапирања, со локации, податоци и филтрирање по партии/кандидати и содржина. Платформата е одлична за истражувачи, новинари, експерти и едукатори на оваа тема. Главно сумирани заклучоци од сите избори досега што сме виделе е дека има доста нејаснотии и недоследности“, вели Пецова-Илиеска.
Како пример, таа го напомена моментот во кој анализирале кои компании издавале простор каде било утврдено дека партиите користеле услуги и од компании што воопшто не се појавуваат во службената листа на понудувачи во ждрепката на ДИК, што отвора сериозни прашања за транспарентност и коруптивен ризик.
„Идентификуваме неправилности и „сива зона“: правен вакуум, фирми надвор од официјалните списоци на ДИК, недоволно транспарентни трошоци и локации, и недоволно јасни правила за тоа кој, каде и под кои услови смее да се рекламира. Токму локациите на билбордите се еден од најспорните делови. Автобуските постојки и автобуси на ЈСП воопшто не се наведени во Изборниот законик како дозволени места за политичко рекламирање, а сепак беа масовно брендирани на локалните избори. Мегаборди на фасади и катни гаражи – големи „чаршафи“ на станбени згради, катни гаражи и објекти на јавни претпријатија не се прецизно регулирани во Изборниот законик, а во пракса беа користени за политичко рекламирање. Тоа отвора прашање дали и како воопшто влегуваат во системот на дозволени локации. „Висечки“ реклами над крстосници – утврдивме дека дел од овие реклами се непрописно поставени и дека може да влијаат и на безбедноста во сообраќајот, не само на изборната еднаквост“, објаснува таа.
Таа потенцира дека проблемот не е само „колку билборди има“, туку каде се, на чија земја/инфраструктура и под кои правила каде укажува дека дел од форматите се практично „ислизгување“ од законската рамка и користење на јавен простор без јасни критериуми и контрола.
„Не можеме да тврдиме дека имало билборди „скроз бесплатни“, но можеме да тврдиме дека дел од договорите, изворите на средства и локациите не се транспарентни и се надвор од јасно регулираниот систем. Во јавноста тоа многу често изгледа како „неплатена“ или „подарена“ реклама, но нашата работа е да укажеме на недостиг на трага на парите и недоволна контрола, а не да шпекулираме без докази по конкретни компании или партии“, рече Пецова-Илиеска.
Таа е на став дека е време за нов, поуреден и транспарентен модел, но дигитализацијата сама по себе не е магично решение, ако правилата останат „дупчести“.
„Сите локации, било за класични билборди или дигитални панели, треба да бидат објавени јавно, на веб-страницата на ДИК и на општините, со јасни урбанистички и безбедносни критериуми. Дигитализацијата има смисла ако значи: јавен регистар на локации, цени, понудувачи, договори и реално искористени локации по партија – а не само замена на хартиени плакати со LED екрани. Таков систем би им овозможил на институциите (ДИК, ДКСК, ДЗР) и на јавноста да следат кој, каде, колку и за колку пари се рекламира. Не е поентата само да „дигитализираме“, туку да го ограничиме бројот и местата каде се дозволени политички реклами, ги исклучиме чувствителни локации (околу институции, образовни установи, опасни крстосници) и да обезбедиме да нема бесправно поставени конструкции што го нарушуваат и сообраќајот и изгледот на градот“, децидна е таа.

Пецова-Илиеска додаде дека има граѓани кои се жалат дека билбордите се поставуваат хаотично, премногу блиску до згради, пешачки патеки или паркинзи.
„Нашата идеја е овој проект да биде алатка преку која граѓаните можат да пријават локација и да учествуваат во дебатата дали таа локација воопшто треба да постои како рекламна точка. Потребен е нов, современ и дигитално поддржан модел, но со јасни законски правила, јавна карта на локации, строги критериуми за безбедност и урбанизам и многу поголема транспарентност за тоа како се трошат јавните пари за политичко рекламирање.
Одобрување на нови локации – предизвик за општините
Рекламните објекти во општините надвор од Скопје исто така претставуваат проблем каде особено видлив е трендот на политички реклами кои остануваат поставени долго по изборните циклуси, создавајќи визуелен хаос и оставајќи впечаток на постојана кампања.
Поради тоа, побаравме мислење и од некои локални власти за нивните искуства и предизвици.
На територија на Општина Штип има поставено 51 билборди, а од нив повеќето се издадени под закуп односно 18 самостоечки рекламни паноа и 33 рекламни патокази.
„Годишниот надоместок за поставување на еднострани рекламни паноа изнесува 4.000 денари до 1m2, 10.000 денари до 3,75m2 и 15.000 денари над 3,76m2. Годишната цена се зголемува за 20% ако опремата за рекламирање е наменета за издавање на други корисници“, велат од Општина Штип.
Интересен е фактот што изминатата година Општина Штип нема наплатено ништо за годишната такса или надоместок што правните лица го плаќаат за поставување на рекламни паноа.
Во однос на најголемите предизвици во регулирањето, тие велат дека ги има повеќе.
„Најголемите предизвици во регулирањето на поставувањето на билборди и друг вид надворешно рекламирање се поврзани со одржувањето ред во просторот. Општината е неопходно постојано да следи дали рекламните паноа се поставени согласно законската регулатива, да се осигура дека не го нарушуваат визуелниот идентитет на градот и дека не претставуваат ризик за безбедноста во сообраќајот. Дополнителен предизвик е водењето точна и ажурна евиденција за нивната локација и статус. Исто така, значајна обврска е контролата на техничката исправност на светлечките реклами, кои се приклучени на јавната електрична мрежа, па затоа бараат строг надзор. Сите овие процеси мора да бидат усогласени со важечките урбанистички, комунални и безбедносни правила“, велат од Општина Штип.

Се обративме и до Општина Кавадарци од каде велат дека административна такса при поднесување на барање изнесува 1000+50 денари, користење на простор 1200 денари, а електрична енергија во зависност од капацитетот на билбордот. Општина Кавадарци по поднесено барање од заинтересиран корисник-правни лица и агенции, за определена локација и временски период, издава Одобрение за поставување урбана опрема најмногу за период од 1 година.
„За изминатата година имаме наплатено 411.295 денари. Досега нема евидентирано нелегално поставени билборди или светлечки реклами и немаме реакции од граѓани или здруженија. Предизвици со кои општината се соочува се Поставување и одобрување на нови локации за билборди и рекламни паноа“, изјавија од Општина Кавадарци.
Состојбата со рекламните објекти, особено политичките билборди кои се доминантни јасно покажува дека проблемот одамна не е само естетски – тој е системски, финансиски и правно чувствителен. Доминантноста на политичките билборди, кои остануваат и месеци по изборите, само ја продлабочува сликата за јавен простор кој се користи без доволно надзор, контрола и транспарентност.
Локалните самоуправи се соочуваат со ограничувања, недоволна регулација и предизвици при одобрување на нови локации и наплата на надоместоци – проблеми кои директно влијаат на приходите, редот во урбаната средина и безбедноста.
Рекламните објекти треба да бидат уредени, контролирани и правично распределени, а не оставени на добра волја или политички интереси. Додека политичките билборди и понатаму бледеат по улиците, останува отворено прашањето — дали општините и институциите конечно ќе создадат систем што ќе го штити јавниот интерес пред партиските приоритети?
Кристијан Трајчов




