Иако државата најавува модернизација на железничкиот сообраќај, нови линии и поголема безбедност, состојбата на терен покажува поинаква слика. На пругата Велес–Кочани, која со години е во прекин, два клучни патни премини кај Лозово – патниот премин кај Лозово поле и преминот на експресниот пат Велес–Штип се оставени во лоша и небезбедна состојба.
Возачите секојдневно реагираат дека делниците се со дупки, нерамнини и нефункционална сигнализација, иако реконструкцијата на експресниот пат е завршена пред повеќе од половина деценија.
Јавното претпријатие за железничка инфраструктура – Скопје пак појаснува дека премините се исклучени од употреба откако сообраќајот на пругата е стопиран. Од таму објаснуваат и кои се надлежностите околу нивното одржување.
„На пругата Велес – Кочани железничкиот сообраќај е во прекин. Таму постојат два патни премини, кои се обезбедени со полубраници со светлосна и звучна сигнализација и сообраќајни знаци на патната сигнализација, и тоа патен премин Лозово поле и патен премин А3 Велес – Штип и истите се исклучени од редовна работа и не функционираат. На односната пруга постојат четири патни премини кои се осигурани со сообраќајни знаци на патната сигнализација, браник на потег и чувар кои не се во функција поради тоа што железничкиот сообраќај е во прекин. Сите останати патни премини се осигурани со сообраќајни знаци на патната сигнализација (андреин крст и стоп)“, велат од Јавното претпријатие за железничка инфраструктура.
Тие додаваат дека одржувањето и модернизацијата на патните премини е обврска на општините и железницата.
„Врз основа на Законот за јавните патишта и Законот за железничкиот систем одржувањето на другите делови и обезбедувањето на прегледност од патот на растојание поголемо од три метри од осовината на колосекот од двете страни на патниот премин и сигнализацијата на патот ги поставува и одржува правното лице кое управува со патот“, потенцираат тие.
Од Јавното претпријатие додаваат дека нивните стручни служби вршат постојано надзор и контрола за исправноста и функционалноста на патните премини и доставуваат соодветни извештаи и дописи до општините за утврдените неправилности и мерките кои треба да се преземат.
Иако премините формално не се активни поради прекинот на железничкиот сообраќај, по нив секојдневно минуваат автомобили, камиони и земјоделска механизација. Лошата состојба на колосекот преку патот, дупките и слабата прегледност претставуваат ризик за возачите, особено на експресниот пат Штип–Велес каде брзината е значително поголема.
Лозово: Потребно е трајно решение за двата железнички премини
Двата железнички премини на територијата на општина Лозово — оној на експресниот пат А3 Велес–Штип и необезбедениот премин внатре во населеното место — со години претставуваат проблем за жителите и возачите. Поради застојот на железничкиот сообраќај на пругата Велес–Кочани, инфраструктурата постепено се руинираше, а премините станаа извор на дупки, нерамнини и небезбедни услови за движење.
Градоначалникот на Лозово, Бошко Цветковски, објаснува дека општината е свесна за проблемот, но надлежноста не е во нивни раце.
„Во однос на патниот премин Лозово, има план, тоа треба да биде комбинација на соработка помеѓу Македонски Железници и Јавното претпријатие за државни патишта бидејќи ние немаме надлежност над тие премини. Разговаравме и мислам дека ги имаат ставено во нивната програмата за да можат да се направат и двата премини, едниот на експресниот пат А3 Велес–Штип, а другиот е внатре во населеното место,“ вели Цветковски.
Тој посочува дека вториот премин, кој е необезбеден, за сега нема информации дали може да се опреми со сигнализација или друг вид заштита.
„Во текот на наредната година се планирани одредени реконструкции. Кога ќе се случи тоа, ние ќе имаме бенефит бидејќи таму се наоѓа нашата индустриска зона, во близина на самата пруга,“ додава Цветковски.

Тој појаснува и дека експресните патишта се под надлежност на ЈП за државни патишта, а сите интервенции мора да добијат одобрение и од Македонски Железници.
Општината веќе поднела барање преминот да се реши со гумени елементи, какви што се поставени на локации во Кочани и Велес. До тогаш, како привремена мерка, Лозово самоиницијативно го одржувало преминот со тампон, гребен асфалт и коцки — каде што тоа било можно без дозволи.
„Сепак, сите го користиме тој пат. Мора да се направи трајно решение за во иднина да немаме проблем со овој премин,“ заклучува Цветковски.
Ситуацијата со двата премини на пругата Велес–Кочани ја потврдува потребата од итна и долгорочна интервенција. Додека формално премините не се активни, секојдневното користење од возачи ја потенцира опасноста, а институциите треба да најдат конкретно решение за безбедно и функционално инфраструктурно решение.
Кристијан Трајчов




