По појавата на стомачни тегоби кај десетици ученици од основното училиште „Димо Хаџи Димов“ во скопско Влае, Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) спроведе вонреден надзор и ја затвори училишната кујна, која моментално се третира како потенцијален извор на зараза. Инспекциите, спроведувани во координација со Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) и Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), продолжуваат до утврдување на точната причина.
Директорот на ДСЗИ, доктор Кирил Лазов, појасни дека инспекциските екипи реагирале веднаш по известувањето за симптоми кај учениците.
„Согласно своите надлежности, ДСЗИ изврши затворање на кујната како потенцијален извор на зараза и даде решение за забрана, во кое се наложуваат и мерки кои треба да ги преземе операторот — вонредно чистење, вонредна дезинфекција, дезинсекција и дератизација, како и спроведување здравствено-хигиенски мерки кај вработените“, изјави Лазов, додавајќи дека за деталите треба да се почекаат официјалните лабораториски резултати. Тој потенцираше дека ДСЗИ не е надлежно за контролата на водата.
Додека институциите ги земаат мострите од храната и работните површини, училиштето пријавува дека засега околу 40 деца покажале симптоми. Директорката Лејла Николоска објасни дека учениците во текот на вчерашниот ден имале корнфлекс со млеко за појадок и мусака за ручек.
„Во текот на денот, откако си заминаа дома, пројавија симптоми на болки во стомакот. Дел од родителите ги однесоа на лекар. Попрецизни бројки ќе имаме кога ќе ги видиме отсуствата“, рече Николоска, нагласувајќи дека не сака да шпекулира дали причината е храната или евентуална бактерија од работните површини. Таа додава дека храна во училиштето подготвува „Ванила фуд“.
Сепак, дел од родителите сметаат дека бројката е многу повисока — и до 80 деца — и сомневаат дека и водата може да биде фактор.
„Имало осум деца кои се хоспитализирани, најголем број со нагони за повраќање. Повеќето се од пониските одделенија, но има и постари ученици кои не јадат во кујната, па има дилеми кај родителите што точно довело до труењето“, изјави родител за Мета.мк.
Од АХВ потврдуваат дека се во тек вонредни инспекции и дека кујната е времено затворена според Националниот протокол за постапување при сомнеж за труење со храна.
„Ќе се спроведе епидемиолошка анкета и ќе бидат земени мостри од храната, работните површини и приборот за лабораториски тестирања. По контролата ќе ја известиме јавноста“, стои во нивното соопштение.
Од болниците „8 Септември“ и Инфективната клиника засега нема официјални информации за бројот на примени деца.
Институциите продолжуваат со контролите, а резултатите од анализите треба да дадат конечен одговор што ја предизвикало реакцијата кај учениците.




