Во раните утрински часови вчера, пет минути по полноќ, полициски службеници од СВР Штип привеле 29-годишен жител на селото Таринци, општина Карбинци, по насилен инцидент во Клиничката болница во Штип.
Според информациите од МВР, во болницата претходно бил донесен неговиот татко, 54-годишниот В.А., кому била укажана лекарска помош, но и покрај напорите на медицинскиот тим, тој починал.
Кога неговиот син, Ј.А., пристигнал во установата и бил информиран за трагичната вест, тој започнал агресивно да се однесува кон медицинскиот персонал, уништувајќи стакла и делови од инвентарот во болницата. Веднаш по пријавата, полицијата интервенирала и го лишила од слобода.
За случајот е известен јавен обвинител, кој наредил телото на починатиот да биде предадено на обдукција. По целосно документирање на настанот, против Ј.А. ќе биде поднесен соодветен поднесок.




