Меѓу двеста учесници од 24 земји од светот, македонските претставници – Валентино Атанасоски, ученик во прва година ПСУ „Јахја Кемал“, Скопје, Дора Милева, ученичка во прва година во СОУ „Јане Сандански“ Штип, Јордан Соколовски, ученик во прва година во ПСУ „Јахја Кемал“, Скопје и Дамјан Чамушев, ученик во деветто одделение ООУ „Ванчо Прке“ Штип освоија бронзени медали на Светската јуниорска олимпијада по природни науки (IJSO) до 15 години, што годинава се одржа во Сочи, Русија.
Во текот на деновите олимпијадата, од учесниците се бараше да покажат и теоретски знаења и експериментални вештини по три предмети: физика, хемија и биологија. На Олимпијадата учествуваат тимови од учесници на возраст од 15 години и помлади. Победниците се одредуваат од индивидуални и тимски натпревари.

Двајца од „бронзените“ во македонскиот тим се од Штип – Милева и Чамушев. И двајцата се од ООУ „Ванчо Прке“. Дора Милева како првенец на генерацијата во деветолетката, од септември продолжи во прва година во СОУ „Јане Сандански“ во Штип, во насоката фармацевтски техничар.
И Дора и Дамјан имаат само петки и бројни признанија од домашни и меѓународни натпревари по природни науки.
Директорот на ООУ „Ванчо Прке“, Кокан Радев, инаку професор по математика е горд на своите ученици.
-Дора и Дамјан се надарени ученици, кои покажаа извонредност по сите предмети од природните науки. Не случајно Дора лани ни беше ученик на генерацијата. Дамјан Чамушев, пак само во текот на оваа 2025 година се натпреваруваше и освои прво, второ или трето место во натпреварите по хемија, биологија, математика, информатика и физика. Беше државен првак по физика, освои втори места во натпреварите по информатика и биологија, трето место по математика на државниот натпревар, изјави Радев.

Во СОУ „Јане Сандански“ со нетрпение се очекува враќањето на Дора Милева. Директорката Марија Николиќ рече дека се пресреќни што имаат такво дете во своите училиште. „Нема нешто што да не знае“ – вели Николиќ. Но, што може да им се пружи на таквите ученици?
-Ќе имаме прилика да ги наградиме, тоа влезе и во закон. На ваквите деца им се дава можност во една година да завршат две, а со тоа и порано да отидат на факултет. За тоа одлучуваат и родителите и нивните надарени деца. Може по завршувањето да заминат во странство и да продолжат во трета, како што имаме двајца ученици кои во трета година се образуваат во САД, вели Николиќ.
Од ова училиште пред некоја година ученикот Стефан Богданов освои медал на Олимпијадата по природни науки. Од ООУ „Ванчо Прке“ меѓу надарените ученици кои покажаа светски успех е и Дамјан Давков, кој во 2021 година освои сребро на Олимпијадата по математика, а две години подоцна злато на Европската јуниорска олимпијада по информатика.

Тукушто завршената Светска олимпијада по природни науки се одржува од 2004 година во различни градови од светот. Многу млади научници се натпреварувале во годините наназад.

Македонскиот тим го предводеа д-р Боце Митрески, редовен професор на ПМФ во Скопје, д-р Методија Најдоски, редовен професор на ПМФ во Скопје и дипл. мол. био. Филип Петровски, демонстратор на ПМФ во Скопје. Министерството за образование и наука одвои средства за учеството на македонските олимпијци.
В.К.





