По денешната седница на Извршниот одбор на СДСМ, од партијата соопштија дека целото раководство поднело колективна оставка – заменик претседателката Фани Каранфилова – Пановска, потпретседателите Каја Шукова, Кристина Костова, генералниот секретар Александар Димитриевиќ, организациските секретари како и сите членови на Извршниот одбор. Веднаш по изборите оставка поднесе потпретседателката Ана Чупеска, а Методија Илиевски беше разрешен поради заминување во странство непосредно пред изборите.
Оставките се поднесени до Централниот одбор на партијата и до претседателот Венко Филипче, кој побарал кадровско освежување.
„Следува период на кадровско освежување и зајакнување, вклучување и на нови лица, организациска поставеност, внатрешна мобилизација, за нова сила и нова енергија на СДСМ. На една од наредните седници на Централниот одбор, претседателот Филипче ќе предложи избор за членови за органите на партијата а за функциите ќе се бираат најкомпетентни личности“, соопштија од СДСМ.
Раководството што сега е во оставка беше избрано на 24 ноември лани, на на 30. Конгрес, којшто Филипче го најави како голема пресвртница за СДСМ.






