Повеќе неправилности и пропусти во работењето на Општина Свети Николе во текот на 2024 година, констатира Државниот завод за ревизија. Општината има ненаплатени побарувања во од над еден милион евра (1.070.520), кои според ревизорите се резултат на непреземени мерки за редовна наплата.
Изградениот клон од детската градинка „Рахилка Гонева“ во село Ерџелија со вредност од 437.154 евра, не е пуштена во употреба, поради тоа што нема пристапен пат, а не е инсталирана опрема за третман на вода за пиење. Изградбата на патот е многу поскапа од изградбата на градинката и чини 793.821 евра. Оваа градинка, како што се најавуваше, е градена со средства од тогашното Министерството за труди и социјална политика, со договор потпишан во 2021 година. Објектот што го изгради Бауер ДОО Скопје, требаше да се внесе во функција за 14 месеци. Но и по четири години од почетокот на изградбата, градинката е затворена, никогаш не е ставена во функција.
ДЗР констатира дека даночните обврзници кои се стекнале со дополнителен или нов имот во минати години не се задолжени со данок на имот, а во постапките за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти не се почитуваат законски пропишаните рокови и не се донесуваат решенија за одбивање на барањата .
„Од поднесените 110 барања за легализација на бесправно изградени објекти на земјоделско земјиште, 79 барања не се доставени до надлежното министерство за добивање на согласност за издавање на одобрение за потврдување на помошен објект и за дел од нив не е извршен увид на самото место“, пишува во извештајот.
Како пример наведуваат ресторан изграден во нива, за кој во 2017 година поднесено е барање за утврдување на правен статус на помошен објект на земјоделско земјиште.
„Општината не извршила увид на местото и не доставила барање до надлежното министерство за добивање на согласност, поради што предметот од 2017 година има статус во постапка за решавање, иако објектот врши угостителска дејност до 12.04.2025 година кога од страна на инспектори од МВР и ДЗС, по извршената контрола донесено е Решение за забрана за негово користење, стои во извештајот.
Ревизорите имаат забелешка и на начинот на распределба на средства за спортските клубови и граѓанските организации.
Од вкупно 3.585.000 денари од Буџетот на општината, 89% се доделени на спортски клубови и здруженија, а 11% за поддршка на спортски манифестации, со што општината не обезбедува развој на масовниот спорт и рекреативни активности.
„Реализацијата на програмските активности од областа на културата и невладиниот сектор, е без објавен јавен повик или објава на веб страната на општината и без претходно утврдени јасни и прецизни критериуми и услови за распределба и користење на средствата. Со ревизијата утврдивме неевидентирано земјиште, дел од имотот нема имотни листови, несоодветно евидентирање на инвестициите по нивното завршување, немање материјална евиденција при прием и издавање материјали и слабости при спроведување на пописот на средствата и обврските, нотира ДЗР.
фото: ДЗР






