На денешното прво рочиште во предметот за убиството на 84-годишната М.З., која според обвинението на 8 август нејзиниот 53-годишен син С.З. во алкохолизирана состојба ја убил со убоди со нож, обвинителството изнесе дополнителен доказ – вештачењето на ножот со кој е извршено убиството, на кој се пронајдени траги од крв на убиената М.З. и траги од ДНК на нејзиниот син С.З.
Адвокатот, кој по службена должност му е доделен на С.З., прво побара 15 минути пауза за да го разгледа наодот, по што се вратија во судницата и побараа пет до шест денови за разгледување на материјалот.
Обвинителството се изјасни против одложувањето на рочиштето, бидејќи според оваа институција – повеќе денови се премногу за четири страници опис на доказниот материјал.
На крајот судот одлучи да го откаже рочиштето и закажа ново на 11 декември во 11:30 часот.
Инаку, убиството на 84-годишната жена е квлификувано како кривично дело фемицид, бидејќи осомничениот за убиството и жртвата биле син и мајка кои живееле во иста семејна заедница.
(К.М.)





