„Од татко ми побарав да ми држи среќа“ – Кекеновски на злобниците им докажа дека е хармоникаш, но на светско ниво

Професорот Јове Кекеновски по скоро 30 години и се врати на првата љубов-хармониката, но кога реши дека враќањето ќе биде само за своја душа се случи токму спротивното – стана најдобар во свет. Неодамна од Франција се врати со светско признание за неговиот музички талент и умешност.

Токму ова беше повод за разговор со Кекеновски, кој иако требаше да биде само музички, но кога се зборува со него не може а да не се чепне и во науката и во политиката, бидејќи подеднакво успешно го има секаде.

-Во Монтергис по 75 пат се одржува светски натпревар по хармоника „Trophée Mondial De L’accordéon“ во организација на Светската федерација на акордионисти.  Има многу категории, а јас се натпреварував во категорија плус 60. Се натпреварува во три нивоа,  има по 16 члена жири и во неа не смее да има човек од твојата држава. Учествува 150 натпреварувачи од цел свет во сите категории.  Јас настапив со „Со маки сум се родила“, чиј аранжман го направи Кирил Стојчевски, го свирев орото „Играорна фантазија“ од Кочо Петровски, свирев италијански валцер „Електрико“ и свирев румунска од Хора Мартисоули. Од 25 максимални поени јас освоив 24,1 поен. И сега сум светски првак во категорија 13Б. Секој победник вечерта одржуваше концерт, беа изненадени од ритамот и од начинот на мојата техика на свирење. Беа изенадени од тоа како свирам по пауза од 27 години. Кога ме прашаа како успеав да се вратам им реков- со шест години упорно свирење.

Се почна со „Мераклии“, но по расформирање на групата, се збогувавте и со Вашата прва љубов- хармониката. Што Ве натера да ја оствите и што Ве натера да и се вратите по скоро 30 години пауза?

-Има две причини и за оставање и за враќање. Ја оставив хармониката бидејќи не постоеше можност да продолжам активно, бев градоначалник на Град Скопје или претседател на Собрание. Но, јас не требаше да ја оставам сосема, можеби не требаше веќе во јавост да се појавувам со хармоника, но требаше да продолжам да вежбам. А јас ништо. Сето тоа е резултат на еден комплекс кој ми го наметнаа злите сили или полуписмените луѓе, кои ме етикетираа како „хармоникашот“, дека е срамота да се свири хармоника. Нели, зурла, тапан може да свириш ама Јове демек не смееше да свири хармоника. Тоа долго време ми беше како комплекс. Дека сум професор и политичар, ама не хармоникаш. Но, благодарение на Камбовски и Мечо, моите другари, кои беа главни иницијатори кои ме тераа да свирам. Но, не знам што ме натера кога беше короната. Јас за тоа време немав ни хармоника, ја продадов за жал. Ама во едно седење земав хармоика од вник ми и почнав да свирам. Направив две комозиции и сите беа воодушевени како се отсвирени. Па купив една хармоника, па уште една и шест години се посветив на свирењето. Дополнително што ме натера да се вратам и да дојдам на ниво да постигнам светски успех е татко ми. Татко ми, кој за жал е починат, ми велеше: Синко ти си многу тврдоглав, да ме слушаше мене ќе беше првак во Југославија, а не три пати втор, а три пати трет. Тоа ми остана и си велам дека ќе му докажам на татко ми дека сум бил во право, дека сум упорен, дека можам да бидам и на светско ниво.

Се опкружив со луѓе кои ми помогнаа, професорот Кирил Стојчевски, кој ми ги направи аранжманите специјално за мене и ми помогна со неговите совети. Горан Алачки многу ми помогна, особено сега на натпреварот. Како доаѓа времето јас да настапам, така почна да ме фаќа голема трема. Му велам на Горан дека почна да ми се здрвува раката,  Горан со совети и муабети ме опушти, многу психолошки и со стручни совети ми помогна. Мислам дека сега со овој успех се радува и татко ми. Ова ми е болна точка и затоа се расплакав, ме совладаа емоциите. А и дефинитивно на злобниците им докажав дека јас сум хармоникаш, но на светско ниво.  Во меѓувреме паралелно напредувам не само во музиката во Македонија, туку снимив и албум кој ќе го издаде ПГМ РТС, а тие 40 години не снимиле ништо со Македонец. Веќе сум член на жири комисија на натпревар на прва хармоника во Југославија, што се одржува во Соко Бања и во иднина ќе носам наши талентирани деца таму. Имаме многу млади што се талентирани и што може да се натпреваруваат и да разменуваат искуства.

Бевте ли на гроб на татко ви за да му кажете за успехот?

-Бев, пред да заминав бев на неговиот гроб и побарав да ми држи среќа. Реков- може не бев прв во Југославија, но може ќе бидам прв во светот. Откако се вратив не сум бил, но секако дека ќе отидам. Многу емоции ме совладуваат кога зборувам за ова и не можам солзи да сопрам.

Има ли можност повторно да се обнови групата „Мераклии“?

-Не. Јас ова не го правам за да заработувам. Мене местото ми е во науката и во политиката. Јас не успеав како противкандидат на Ѓорги Иванов, не се кандидирав на претходните избори, но на наредната сигурно ќе бидам еден од претендентите за претседател на државата.  Сметам дека партијата ги увиде моите квалитети, моето знаење и мојата чесност и коректност, пред се. Виде кој капацитет го имам и во политиката и во правото, но и како човек.  Се надевам дека тоа ќе ми биде следниот предизвик на кој ќе се посветам.

Се смиривте ли? Едно време бевте исклучен од ВМРО ДПМНЕ?

-Мене ме исклучија нестатутарно кога дојдов во судир со криминалците во мојата партија, поранешните раководства. Не споменувам име само ќе речам бегалците кои наредија да ме исклучат нестатутарно.  Но, јас продолжив и понатаму да си бидам член. Новото раководство има разбирање на моите ставови. Впрочем и се потрди сето тоа што јас го кажав. Сега го ценат мојот труд и моето знаење и моите ставови и ги практикуваат во владеењето. Не сум заинтересиран за некоја позиција, бидејќи која и позиција да ја имаш нема да бидеш толку моќен, особено во извршанат власт, за да оствариш одредени резултати.

Сметам дека треба да дојдам на позиција како човек кој ќе направи револуција, особено како претседател на државата, кој ќе има хрброст, капацитет, знаење и моќ да се наметне и едноставно да биде коректор и на извршната и на законодавната власт, без да се меша во нивите надлежности. Но, со својот авторитет и знаење навреме да укаже и да се поправи целокупната состојба и во судството и во обвинителството и во извршната власт и ќе бидам прв критичар во име на народот против сите аномалии или неработење, кое за жал ниеден претседател тоа не успеал да го наметне. Сметам дека сум доволно возрасен, искусен, доволно стручно и животно поткован и мислам дека Македонија  со мене како иден претседател ќе зачекори со големи чекори во сите сегменти каде сега ги гледаме сите аномалии.

Премиерот најави за на пролет реконструкција на Влада, да не сте некој скриен кандидат за министер, покрај амбициите за претседател?

-Не, не, размислувам за тоа во овој момент. Јас имам уште три години до пензија и гледам да ги завршам двете книги кои ги пишувам подолго време, „Современи политички системи“, која ќе има второ дополнително издание и книгата за локална самоуправа. Ресурсниот центар за поддршка на локалната самоуправа, кој го промовираше министерството, јас сум автор на тој проект за целокупната анализа за постоењето на ваков ресурсен центар со оглед на моето практично и емпириско искуство во делот на лоалната самоуправа.

Како поранешен градоначалник што ќе кажете за она што скопјани мораа д го изживеат во изминатиот период и колку мислите дека Орце Ѓорѓиевски е вистинскиот избор и ќе направи подобро?

-Орце не го знам, но успеав да го запознам околу изборите. Покажа резултати во текот на своето работење. Покажува и голема амбиција, трудољубив е. Јас сакам да верувам и верувам дека може да направи голем прогрес. Е сега колкав ќе биде прогресот зависи од претходните дубиози кои се направија, колку ќе може да ги санира. Мислам дека е млад, енергичен и го може тоа. Тој ја има мојата поддршка во делот на мојата стручност и знаење и мислам дека ќе имаме многу подобро Скопје отколку што го имавме. Мандатот од четири години е краток, но резултатите ќе бидат набрзо видливи и доколку со ваков ентузијазам работи, сигурен сум дека граѓаните ќе му дадат подршка за втор мандат. Осум години за еден градоначалник е време каде може да остави сериозен белег и прогрес на градот.

Како го оценувате периодот што измина, хаосот? Кај е вината?

-Вината е обострана и во Советот и кај градоначалникот. Тие по ниедна точка не најдоа заеднички јазик,  се одеше дирекно на ѓон, не водејќи сметка за граѓаните. Она што се случи со Комунална хигиена и ЈСП е резултат на таа  тесноградост, политички игри по свој терк, вклучувајќи го Советот и градоначалникот, кој се отцепи од ВМРО ДПМНЕ и почна да води своја политика. Видовме колку таа политика беше неуспешна. Во иднина може ќе видиме и нешто друго што не го знеме, што се случувало во позадината на сето тоа. Еве сегашниов градоначалник најави сериозни случувања на наплатата на градскиот данок, каде се пресметувале даноци по привилегерани услови на серизони сопственици на големи имоти кои место да влезат во градската каса можеби влегувале во некои џебови. Јас често  кажувам дека пример е Советот на Град Скопје од 1996-2000 годин, не дека бев јас претседавач на Советот туку дека навистина имаше сериозни и етаблирани личности во Советот и по првичните тензии од неколкумесечни блокади седнавме и рековме дека мораме да бидеме коректор на потезите кои ги влечеше Пенов. Благодарејќи на тој Совет Пенов го доби вториот мандат. Ако така функционира и овој Совет, да го корегира, но не да го кочи, ќе го постигнат успехот.

А за рачињата во медот што ќе кажете?

– За рачињата во мед не знам, треба да го каже оној што го кажал тоаз. Мислам дека нема ништо, дека е кажано во ек на политички антагониам, бидејќи нема ништо конкретно кое укажува на одредени инсинуации кои беа посочени од поранешната градоначалничка.

Е сега, Вашата главна професија е правото, дипломиран,  па магистриравте, па докториравте и автор сте на многу дела…

-Да, маагистрирав и докторирав на политички науки. Имам десетина книги, околу стотина научни трудови, повеќе од 700 есеи и стручни дела, над 1000 колумни и академик сум на Руската академија за наука, уметност и култура во Московкста академија, каде претседател е Сергеј Бабурин, кој своевремено беше заменик претседател на Думата. Се запознавме на една конференција во Белград и ме замоли да му бидам рецензент на неговата книга „Морална држава“. Кога ја виде рецензијата, кога ги виде моите ставови за морална држава, а јас бидејќи предавам политички системи, Уставно право, а и се занимавам со овој проблем, беше воодушевен. Бев и промотор на неговата книга во Србија и Босна. За жал не успеа да дојде во Скопје, но сметам дека со релаксирање на односите меѓу Еавропа и Русиј брзо ќе дојде.

На последната конференција во Белград на кривичарите, се појавив со свој труд и зборував за аномалиите на меѓународното кривично право, односно  селективата примена на мегународното кривично право. Беше организирана посебна округла маса  каде презентирав едно ново кривично дело, а тоа е политички геноцид, каде поднесов декларација за усвојување на новото кривино дело. Поведен од она што се случува на нашата држава, на Курдите и други мали етнички зедници кои не можат да ги уживаат своите права. Таа дефиниција беше елаборирана со врвни кривичари, меѓу нив и еден од кандидатите за генерален секретар на ОН. Мојата декларација беше дигната на ниво на резолуција и во текот на идната недела ќе бараме од Генералното собрание на ОН, од Комитетот за право да ја разгледаат и доколку ја усвојат во иднина ќе може да биде ново  кривично дело во меѓународното кривично право а понатаму и во националните кривични права, чиј автор сум јас.

Професор сум во Охрид, мојата матипчна институција, а до пред една година предавав во Белград, на повеќе приватни Универзитети, на Универзитет во Бугарија.

Ако максимумот во хармониката е светски првак, ако во политиката е претседател на држва, што за Вас е максимум во науката? Го постигнавте ли?

-Ако го сметаме изборот во Руската академија да, но мислам дека уште можам да дадам посебно во делот на правно политичките науки. Моите две книги што ги подготвувам сметам дека ќе бидат целосен одговор на ова што го говорам, би го постигнал тоа, ако не врв, би бил завршеток на една фаза од животот, каде потоа би можел порелаксирано да си го живеам пензионерскиот живот или ако станам претседател целосно да се посветам на тоа.

Во Вашиот живот имате уште една улога, која можеби е најважна од сите до сега што ги набројавте, а тоа е да си дедо. Наградата ја посветивте на внуката…

-Се што работам во последно време го посветувам на внуката Михаела. Првата книга ја посветив на сопругата и синовите, втората на родителите. Со внука ми често пееме зедно. Секогаш кога ќе дојде кај нас ме тера да пееме и да вежбаме за да се појавиме на телевизија и да пееме заедно. Многу сака да пее и талентирана е. Догодина ќе наполни шест години и би сакал во хор да пее , па понатаму нека се обиде и на тоа поле.  Таа е талентирана на татко и,кој не продолжи со музиката, но може да оди по стапките на дедо и во науката и во музиката. Многу ме исполнува, едвај чекам да дојде и денот поминат со неа ми поминува за секунда. Нема помило од сабајле кога ќе дојде да ме разбуди за да си играме. Тогаш се оставам само неа да и угодам. Тоа е едно од најубавите чувства. Од срце посакувам сите баби и дедовци да ја доживат оваа убавина.

Весна Миленковска

Фото: Фејсбујк/приватна архива

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ