Веднаш по масакрот на плажа во Австралија, на социјалните мрежи почна да циркулира видео од човек кој невооружен му се приближува на еден од напаѓачите и му ја грабнува пушката, со која пукал кон посетителите на плажата Бонди во Сиднеј.
Мажот, случаен минувач, е идентификуван како 43-годишниот Ахмед ал Ахмед, а многумина го нарекуваат херој.
На видеото, чија автентичност е потврдена од Би-Би-Си, Ахмед трча кон напаѓачот кој е свртен со грб и го зграпчува оружјето, а потоа го насочува оружјето кон него, принудувајќи го да се повлече.
Ахмед, сопственик на продавница за овошје и татко на две деца, бил однесен во болница со прострелни рани на раката и шаката, изјави неговото семејство за 7News Australia.
Петнаесет лица беа убиени, а десетици ранети во пукотница на 14 декември, кога повеќе од 1.000 луѓе присуствуваа на настан на плажа во Сиднеј за да ја прослават Ханука.
Полицијата го прогласи нападот за терористички чин насочен кон еврејската заедница.
„Тој е херој, целосен херој“, изјави Мустафа, братучед на Ахмед, за 7News Australia.
🚨 At least 10 people were killed and 12 others injured in a mass shooting at Bondi Beach, Sydney, police said
— Anadolu English (@anadoluagency) December 14, 2025
🔫 Authorities confirmed nine victims and one shooter among the dead, with multiple police officers injured while responding
🚓 Two suspects are in custody, while… pic.twitter.com/Icy1Exnluk
„Се надевам дека ќе биде добро. Го посетивме, беше добро, но чекаме да видиме што ќе кажат лекарите.“
Луѓето беа застрелани од двајца напаѓачи, 50-годишен татко и 24-годишен син.
Тие потврдија дека 50-годишен маж е убиен на лице место, додека 24-годишен маж е исто така во критична состојба во болница.
Премиерот на Нов Јужен Велс, Крис Минс, му оддаде почит на храброста на Ахмед, чие име не беше објавено за време на прес-конференцијата.
„Тој човек е вистински херој и не се сомневам дека многу, многу луѓе преживеале благодарение на неговата храброст“, рече Минс.
На социјалните мрежи има стотици коментари, кои го осудуваат овој терористички чин и изразуваат сочуство за жртвите.
Меѓу коментарите е и можеби најдобриот опис за Ахмед ал Ахмед:
„Избра да биде човек, а не муслиман“.







