„Изјаснете се она што се – Македонци!“: Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), упати апел до Македонците во Албанија

Македонската партија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), упати апел до Македонците во Албанија, да се изјаснат за Македонци, врз основа на законските одредби, тука и соодветната одлука на албанската влада, процес кој е во тек.

– Драги сограѓани Македонци во Република Албанија, ви се обраќаме со отворен и искрен повик, во момент од особено значење за афирмацијата на македонскиот идентитет, достоинство и права како автохтона македонска заедница во Албанија. Врз основа на Законот „За заштита на националните малцинства во Република Албанија“ од 2017 година и одлуката на албанската влада „За утврдување на критериумите, документацијата и постапките за собирање на податоци за идентификација на лицата кои припаѓаат на националните малцинства“, секој граѓанин има неотуѓиво право слободно да се самоидентификува, без притисок и без страв, како припадник на официјално признаено национално малцинство, стои во повикот.

Се оценува дека овој процес претставува значаен чекор кон зачувување и зајакнување на македонскиот национален, јазичен и културен идентитет, унапредување на институционалната застапеност на македонската заедница, креирање на поправедни државни политики, прилагодени на реалните потреби на националните малцинства, како и гарантирање поддршка и одржлив развој на македонската заедница.

– Ги повикуваме сите Македонци во Албанија без двоумење да се самоизјаснат, со пополнување на соодветните формулари за самоидентификација и нивно доставување по пошта до Комисијата формирана при Министерството за внатрешни работи, согласно утврдените постапки, се посочува во повикот.

Според партијата, процесот, кој е во тек, се темели на принципот на слободно самоидентификување, личните податоци се заштитени во целосна согласност со законодавството за заштита на приватноста и не постои никаков ризик ниту негативна последица за граѓаните кои ја изјавуваат својата национална припадност.

– Самоизјаснувањето не е само законско право, туку и чин на граѓанска и национална одговорност, кој го зајакнува нашиот колективен глас и ја обезбедува иднината на идните генерации. Заедно, со храброст, свест и доверба, да придонесеме во изградбата на пофер, поинклузивно и подемократско општество, во кое македонскиот идентитет во Албанија се почитува, признава и поддржува, порачува МАЕИ во повикот до Македонците.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ