Зелен хуман град бара дислокација на Цементарница УСЈЕ

Граѓанската иницијатива „Зелен Хуман Град“ денеска до Советот на Град Скопје поднесе официјална Иницијатива за дислокација на Цементарница Усје, со барање Советот јавно и недвосмислено да заземе став дека тешката и високозагадувачка индустрија нема место во густо населени подрачја.

„Со Иницијативата се предлага градоначалникот на Град Скопје овој став да го достави до Владата, Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина и Собранието, за тие понатаму да постапуваат во рамки на своите надлежности.

Цементарница Усје е инсталација на тешка и високозагадувачка индустрија (Г1) која со децении функционира во непосредна близина на населени делови на Скопје. Нејзината локација е историски анахронизам и директно е спротивна на уставно загарантираното право на граѓаните на здрава животна средина, како и на современите стандарди за заштита на јавното здравје“, велат од „Зелен Хуман Град“.

Како аргумент, иницијативата се повикува на податоци од глобалната платформа Climate Trace, според кои Цементарница Усје е вбројана меѓу 10 проценти од најголемите загадувачи во светот и е класифицирана како „суперемитер“ на ПМ2.5 честички, што, како што наведуваат, укажува на сериозно и долгорочно влијание врз квалитетот на воздухот во Скопје.

Дополнително се посочуваат и инспекциски наоди од 2023 година, кои, според „Зелен Хуман Град“, откриле сериозни системски пропусти во институционалниот надзор. Прифатени биле извештаи за емисии со празнини од по 10 часа во текот на 24 часа, спротивно на важечкиот Правилник за мерење на емисии, при што мониторинг станицата била под контрола на самата Цементарница.

Овие наоди резултирале со кривична пријава поднесена од Град Скопје во јануари 2023 година, но, како што наведуваат од иницијативата, не следеле забрани за работа, ниту ефективни мерки за значително намалување на загадувањето, ниту пак биле поставени независни мерни станици во околината на Усје.

Во иницијативата се критикува и законското решение усвоено во септември 2025 година, со кое, за првпат во државата, индустриското загадување било класифицирано како „деловна тајна“. Овој закон, според „Зелен Хуман Град“, бил позитивно оценет од самата Цементарница, што, како што наведуваат, претставува сериозен институционален неуспех и откажување од заштита на јавниот интерес.

„Ако Инспекторатот, Министерството, Собранието и Обвинителството не постапуваат, Советот на Град Скопје – како најблизок до граѓаните и директно задолжен за заштита на нивното здравје – има и право и обврска да испрати јасна и силна политичка порака.

Секоја тешка и загадувачка индустрија мора да биде дислоцирана надвор од Скопје, град кој со години е меѓу најзагадените во Европа и во кој секоја година предвреме умираат илјадници луѓе, меѓу кои и деца“, додаваат тие.

„Скопје со години е меѓу најзагадените градови во Европа, а илјадници луѓе годишно умираат предвреме како последица од загадениот воздух. Ова е борба за јавното здравје и за основното право на чист воздух“, се наведува во иницијативата.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ