Регионалната депонија во Мечкуевци повторно на тендерска маса

default

По втор пат беше распишан меѓународен тендер за изградба на регионалната депонија во Мечкуевци, Свети Николе откако првиот беше неуспешен.

Емил Василев од Центарот за развој на Источен плански регион Штип вели дека на 15 декември од страна на Министерството за финансии кое е одговорно за распишување на тендерот бил објавен повик за изградба на депонијата во Свети Николе и шесте претоварни станици во Источниот и Североисточниот плански регион.

„Тоа треба да биде систем за управување со отпад каде на централната депонија во Свети Николе ќе оди многу мал дел, додека на претоварните станици ќе има сепарација на отпадот во различни категории“, изјави Василев.

Тој објасни дека на првиот тендер имало повеќе компании кои се јавиле и кои не исполнувале заданените услови во самата тендерска документација.

„Рокот за пријавување на сегашниот тендер е до 27 март 2026 година. Причини поради кои што пријавените фирми до крај не ги исполнуваат условите се технички, финансиски или поради самиот капацитет на компанијата. Воедно, ова не е пречка да се вклучат и македонски фирми, без разлика дали тоа би го направиле самостојно или во конзорциум со некоја домашна или странска фирма“, појаснува тој.

Ако на овој повик успешно се одбере фирма која ќе ја изгради депонијата, во рок од една и пол година изградбата треба да биде завршена, односно крајот на 2027 година.

„Постапката за изградба на меѓуопштинска јавна депонија е во понапредна фаза од останатите региони. Секогаш тој што прв ја започнува постапката ги поминува најголемите проблеми, другите само би ги следеле примерите и искуствата и за нив би требало да оди многу побрзо“, дециден е Василев.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ