Семејствата на младите кои загинаа во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ на 16 март годинава континуирано го креваат гласот за објаснување на околностите што довеле до смртта на нивните деца, барајќи ново, специјализирано вештачење за токсични гасови, особено за можноста од труење со водороден цијанид.
На последното рочиште во судскиот процес за предметот „Кочани“, родителите повторно истакнаа сомнеж дека официјалните обдукциски наоди, кои како основна причина за смрт ги наведуваат ефектите од јаглерод моноксид, не го отсликуваат целосно она што се случило во клубот.
„Цијанид можен, анализи нема. Сериозен јаз меѓу институционалните тврдења и обдукциската документација отвора прашање за вистинската причина за смртта на нашите најмили. Иако во одговорот во основното јавно обвинителство се наведува дека вештачењата на Институтот за хемија и анализите на МВР и Одделот за форензички испитувања ја потврдиле веројатноста за испуштање на цијанидни гасови во последица на согорување на материјалите во клубот, клучното прашање кое останува неодговорено. Дали при обдукциите е направена конкретна токсиколошка анализа за цијанид и други отровни гасови во телата на нашите починати деца. Во обдукциските наоди како причина за смрт е наведено задушување од јаглерод моноксид меѓутоа во самиот обдукциски наод јасно се наведува дека од телата се земени и крв и урина за одредување на јаглерод моноксид како и за токсиколошката анализа при што изрично стои дека останатите токсиколошки анализи ќе бидат дополнително доставени на семејствата, ниту се содржани во конечните обдукциски наоди. Ова отвора сериозен сомнеж дека заклучокот за причината на смртта е донесен без комплетна и насочена токсиколошка анализа особено ако се има предвид дека водородниот цијанид не се детектира рутински и бара посебно специфично испитување – изјави пред денешното рочиште, таткото на загинатата Надица Наунова, Александар Наунов.
Контрадикции во документите
Представниците на здружението „16 март“, кое ги обединува родителите на загинатите, посочуваат на неусогласености во самата обдукциска документација. Според нив, иако во извештаите се наведува дека биле земени примероци од крв и урина за токсиколошки испитувања, резултатите од тие анализи не им биле доставени, ниту вклучени во конечните заклучоци на обдукцијата.
Тие исто така укажуваат дека водородниот цијанид не се детектира во рутински токсиколошки прегледи, туку бара посебни, насочени испитувања — а времето за откривање е клучно, бидејќи овој токсичен гас брзо се метаболизира.
„Имаме три неспорни факти, Институт за хемија, МВР, ОФИ, потврда за ослободување на цијанидни гасови. Обдукцискиот наод наведува исклучиво присуство на јаглероден моноксид како причина. Обдукцискиот наод признава дека други токсиколошки анализи допрва треба да се достават. Сè додека не се објават и документираат резултатите од сите дополнителни токсиколошки анализи не може со сигурност да се тврди дека причината за смрт е целосно и точно утврдена. Ова значи дека обдукцискиот наод е нецелосен и постои основа за дополнително и независно вештачење, постои основа за правно оспорување на заклучокот оправдано и неопходно во интерес на вистината, правдата и достоинството на починатите“ – додаде Наунов.
Прашања за причината на смртта
Родителите тврдат дека постојат случаи каде што вредностите на јаглерод моноксид во телата на починатите биле ниски или нефатални, што, според нив, не може да служи како единствен медицински основ за утврдување на причина за смрт. За да ја разјаснат оваа дилема, тие инсистираат на црно на бело покажување дали цијанид бил присутен во организмите на нивните деца.
Според нив, само со комплетни токсиколошки анализи може да се увериме дали некои од жртвите умреле од друг, потенцијално поопасен гас што се ослободува при согорување на пластични и синтетички материјали, а не само од чад и јаглерод моноксид.
Институционален одговор и следни чекори
Од Обвинителството, пак, досега укажуваат дека анализа на материјалите од местото на пожарот и од страна на Институтот за хемија покажала веројатност за ослободување на цијанидни гасови при пожарот, но семејствата инсистираат дека тоа не ја заменува потребата од индивидуални лабораториски потврди за секој од загинатите.
Здружението „16 март“ најави дека ќе продолжи да бара дополнително или независно вештачење и потенцијално ќе ги оспорува официјалните заклучоци во правниот процес, се додека не бидат достапни комплетни сеопфатни токсиколошки резултати.
(К.М.)





