Анализата на сопственичката структура на корисниците на финансиска поддршка од Фондот за иновации (ФИТР),покажа дека исти физички лица се јавуваат како управители и/или сопственици во повеќе правни лица кои добиле средства од ФИТР, често во ист или сличен временски период. Со анализата на портфолиото на финансираните проекти од ФИТР, утврдено е дека овие лица преку различни фирми аплицираат и добиваат средства за различни проекти, што создава можност за паралелна реализација на повеќе финансирања во рамки на повици што не го ограничуваат ваквиот модел. Ова го утврдиле ревизорите од Државниот завод за ревизија (ДЗР), во денеска објавениот извештај.
„Иако не постои законска забрана или експлицитно ограничување за едно лице да учествува како управител/сопственик во повеќе апликации, истакнуваме дека добрите практики налагаат еднаква распределба на можности, намалување на концентрацијата на средства кај поврзани лица, обезбедување на ефективна реализација на секој индивидуален проект, а трошоците прифатени за кофинансирање мора да бидат реални, неопходни и директно поврзани со проектот и базирани на пазарни цени и независни трансакции. Со ревизија на актите утврдено е дека единствено кај инструментот за комерцијализација на иновации, постои регулаторна клаузула со која не е дозволено аплицирање доколку апликантот веќе има активен проект“, пишува во извештајот на ДЗР.
За потребите на извештајот, ДЗР избрал примерок од десет завршени проекти поддржани од ФИТР, со цел оценка на исполнетоста на обврските за поврат на финансиската поддршка и успешноста на проектите.
„Од извршените проверки, утврдено е дека само три проекти остваруваат приходи, додека седум не остваруваат приход од реализираните активности. Вкупното кофинансирање на ФИТР за проектите од примерокот изнесува 1.681.660 евра, од кои 387.804 евра се насочени кон проекти кои остваруваат приходи, а 1.293.856 евра кон проекти кои не остваруваат приходи“, стои во извештајот.
Фонот за иновации и технолошки развој повеќе не постои и со смената на власта, беше формирана Агенција за иновации, научнотехнолошки развој и претприемништво. ФИТР не воспоставил централизирана база со податоци (софтвер) за доделената финансиска поддршка, преку која ќе се следи спроведувањето на одделни инструменти за финансиска поддршка. Не се преземени ниту мерки за систематско и сеопфатно следење на постигнатите резултати од поддржаните проекти по нивното завршување, ниту се врши длабинска деловна и финансиска анализа.





