Сообраќајот на државните патишта утрово се одвива непречено, по влажни коловози. Намалена видливост поради магла од 50 до 100 метри има на планинскиот премин Ѓавато и во Крушево, соопшти Автомотосојузот на Македонија.
АМСМ информира дека интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Диспечерско-информативниот центар на ЈП Македонијапат соопштува дека слаб снег провејува на планинските премини Плетвар, Ѓавато, Буково, Пресека и во Крушево кој во моментов не се задржува на коловозот.
Се препорачува приспособена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите каде што има можност од појава на одрони.
Синоптирачарите за утрово најавуават облачно време, во крајните југозападни делови од државата со услови за слаби врнежи од дожд и снег. Во текот на денот ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 5, а максималната ќе достигне од 4 до 10 степени.
Во Скопје, променливо облачно, во текот на денот со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне 6 степени.
Според Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), следува период на стабилно и студено време со утрински температури кои насекаде ќе бидат негативни. Во деновите од викендот ќе дува засилен до силен северен ветер (локално над 60 километри на час).





