Советот на Град Скопје ја прифати иницијативата на Зелен Хуман Град за дислокација на Усје

Советот на Град Скопје по маратонска, 13-часовна седница едногласно ја прифати иницијативата на Зелен Хуман Град за дислокација на цементарницата „Усје“, со што за првпат во историјата на главниот град сите советнички групи застанаа зад заеднички став – тешката и високо загадувачка индустрија нема место во густо населено подрачје.

Од Зелен Хуман Град оценуваат дека станува збор за историска одлука и важен чекор во борбата за чист воздух и заштита на јавното здравје.

„Првпат успеавме да ги обединиме сите политички групи во Советот да застанат рамо до рамо со скопјани и јасно и цврсто во еден глас да кажат – Усје надвор од Скопје“, соопштија тие.

Со усвоените заклучоци, Советот го задолжи Град Скопје да се обрати до Министерството за животна средина и просторно планирање со официјално барање за детално испитување на работењето на „Усје“, но и на сите големи индустриски загадувачи, со цел да се утврди дали целосно ги исполнуваат условите од еколошките дозволи и важечката регулатива. Министерството ќе треба во најкус можен рок да го информира Градот за резултатите од оваа постапка.

Воедно, се бара и Државниот инспекторат за животна средина да спроведе серија ненајавени вонредни инспекциски надзори во цементарницата и кај другите големи индустриски капацитети, за да се утврди фактичката состојба, нивото на емисии и примената на мерките за заштита на животната средина и здравјето на граѓаните.

Посебен акцент е ставен и на урбанистичкото планирање. Советот ја повика Општина Кисела Вода, како и сите останати општини во состав на Град Скопје, при изработка на деталните урбанистички планови да ги земат предвид наодите и мислењата на надлежните институции, со цел усогласен и одржлив развој во интерес на граѓаните.

Еден од клучните заклучоци предвидува и задолжување на градоначалникот на Град Скопје да се обрати до Владата, за да се разгледа можноста за започнување постапка за дислокација на „Усје“ и останатите големи индустриски загадувачи на соодветни локации надвор од скопската котлина, во согласност со Законот за животна средина и Просторниот план на државата.

„Ова е силна политичка порака дека здравјето на граѓаните и правото на чиста животна средина мора да бидат над сите други интереси. Ние многу посветено ќе го следиме спроведувањето на овие заклучоци“, порачуваат од „Зелен Хуман Град“.

Усвоените заклучоци ќе бидат доставени до градоначалникот на Град Скопје, Владата, Министерството за животна средина, Државниот инспекторат за животна средина и до општините во главниот град, по што се очекува институционалните постапки да започнат во наредниот период.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ