Македонски граѓани, кои работеле за американски компании во базите ви Ирак и Авганистан добиле писма од Управата за јавни приходи да достават докази дека е платен данокот за нивната работа за изминатите пет години од 2020 до денес. Во спротивно, ќе треба да платат персонален данок од 10 отсто на заработените пари во странство. За доставување на доказите, имаат рок од 15 дена.
Можат и да се жалат, но тоа не ја одлага наплатата на данокот, додека секој ден ќе им тече камата од 0,3 отсто. Краткиот рок е еден од најголемиот проблем за кумановци, кои денеска излегоа на протест пред зградата на УЈП, кои како свој аргумент го имаат и фактот дека се соочуваат со двојно оданочување, бидејќи данокот веќе еднаш е платен од компаниите за кои биле ангажирани. Освен тоа, како што рече на протестот Зоран Наковски, законот за личен доход предвидел да не се плаќа данок за луѓе кои повеќе од 183 дена биле надвор од државата, односно не се сметаат за даночни резиденти.
-Тоа се луѓе кои биле надвор повеќе од 9-10 месеци. Од нас се бара да доставиме документи. Тоа се документи кои државата не може и не сака да ги обезбеди. МВР одбива да издаде потврда за влез и за излез од 2020 година. Нивниот одговор е дека не чуваат податоци постари од пет години, рече Наковски.

Жикица Миланов е еден од таквите примери на граѓани, кој престојувал 9 месеци во странство, како поранешен вработен на компаниите од мисиите во Ирак и Авганистан. Во Куманово се вратил во 2021 година и од тогаш е невработен и живее со заработените пари.
-Луѓето како мене парите ги користат за наши животни потреби… градиме куќи, школуваме деца, донираме. Како невработен сега сум принуден да платам данок, но до 2021 година сме биле надвор 9 месеци –тоа е 270 дена. Во законот е наведено дека по 183 дена не си резидент. Тоа не ни го признаваат. Ние сите ќе извадиме документи како доказ, но УЈП не ни остава простор, има голема бројка на луѓе коишто бараат документи, а имаме 15 дена да ги собереме. Нема да стигнеме, вели Миланов.
Проценката на овие собрани луѓе во Куманово дека има меѓу 20.000 – 25.000 луѓе кои работеле во Ирак и Авганистан. Деновиве се принудени да праќаат мејлови и бараат од компаниите кои ги ангажирале документација како доказ дека е платен данокот. Фатија празниците во Америка и наскоро и кај нас, а рокот од 15 дена си минува, по што ќе почне да тече каматата.
-Ова е добро смислена работа и ние немаме време за докажување. Пасошот има влезно- излезен печат, имаме уредна работна виза. Но, тоа не го признаваат, рече Миланов.
Насобраните најавија жалби, се консултирале со правници, а ќе одат и пред Управен суд. Според нив, ова што сега се прави е довојно оданочување.
-Во Куманово илјадници семејства преживеале со тие пари од Ирак и Авганистан – од тие пари се градело се школувале деца, се преживувало, за денеска таа истата држава да ги третира како црни пари. Наша препорака – нема да трчаме и плаќаме веднаш – ќе бараме правда, ќе користиме право на жалба, ќе одиме до Управен суд и ќе ги користиме сите можности. Ќе ја побараме правдата пред меѓународни судови – ова е право на секој. Стоп за оваа неправда! Стоп за селективно толкување на законот! Стоп за притисоците од УЈП!, кажа Наковски според кој држава не треба да се гради со систем на страв.
Кумановци најавија радикализација на протесто, како нивно демократско право и искористување на сите законски можности што им се на располагање. Засеганти се и парите што некои од повратниците ги добиле како обештетување за повреди и претпрен страв.
Од УЈП се децидни – согласно Законот за данок на личен доход, обврската за пријавување и оданочување на доход остварен од странство не претставува нова законска мерка, ниту одлука донесена во текот на оваа година која би се применувала ретроактивно.
-Управата за јавни приходи е свесна дека кај дел од граѓаните кои добија известувања во врска со доход остварен од странство се појавуваат чувства на несигурност и загриженост затоа што можеби немале целосни или јасни информации за тоа дека согласно закон имаат обврска да го пријават овој доход, додека други граѓани сепак ја исполнувале својата обврска, соопштија од УЈП.
Од Управата појаснија и како е регулирано делот за обврските на резидентното население:
-Сите граѓани кои се даночни резиденти имаат еднакви обврски и еднакви права. Прашањето не е само во контекст на даночната усогласеност и правично оданочување, туку има и пошироки и покомплексни аспекти. Уредното пријавување на доходот е важно за да се спречи стекнување личен имот од неоданочени средства и да постои правичност во користењето на јавните добра и услуги кои се достапни до сите граѓани. Лицата-резиденти кои остваруваат доход од странство, а не го пријавуваат, системот не ги препознава како граѓани кои остваруваат доход, што при остварување на социјални и други права на овие лица и членови на нивните семејства може да создаде нерамноправност во однос на оние кои редовно ги пријавуваат своите доходи и го плаќаат данокот. Средствата од буџетот се наменети за заеднички потреби на сите граѓани на Македонија, но секој треба да учествува во собирањето на овие средства преку плаќање на даноците согласно со закон. Управата за јавни приходи останува посветена на мисијата да обезбеди фер и праведно оданочување и владеење на правото како императив во општеството, нагласуваат од УЈП.
В.К.
фото: С.А.






