Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопшти дека во повеќе региони има поплавени куќи, подруми, тешко проодни патишта, излеани реки и поплавени ниви. Со овој бран на врнежи загрозени се имотите на граѓаните од Западна и Југозападна Македонија.
Тетовско- гостиварски регион: Поради обилните врнежи од дожд, локалниот пат помеѓу селата Форино и Тумчевиште, општина Гостивар е тешко прооден. За состојбата се известени ЕЛС Гостивар и ПС Чегране. Забележано е излевање на Лакавичка река во с. Мало Турчане и на Сушечка река во с. Горна Бањица, Општина Гостивар. За настаните се известени надлежните институции и службите за итно дејствување, кои ја следат состојбата на терен.
Охридско-кичевски регион: Во општина Охрид евидентирани се поплавени подруми, гаражи и дворови на повеќе локации во градот. Локалната самоуправа и Кризниот штаб на Општина Охрид се известени и постапуваат по пријавите. Реката Далјан е излеана од коритото на повеќе места, при што се поплавени голем број куќи, а службите за итно дејствување се организирани и се на терен.
Во Општина Кичево, на ул. „Прилепска“, поплавени се повеќе станбени објекти. Извршена е евакуација на околу 100 лица, кои се сместени во спортската сала „Христо Узунов“. На терен интервенираа екипи на Црвен крст, ДЗС, РЦУК Кичево, ТППЕ Кичево, ЈП Комуналец и Општина Кичево. На евакуираните лица им се обезбедени храна, вода, кревети, душеци и ќебиња.
Регистрирано е и излевање на Зајашка река на повеќе локации во реонот над стадионот „Влазрими“ и новото училиште „Санде Штерјоски“, како и излевање на реката Треска на земјоделско земјиште во атарите на селата Бигор Доленци, Вранештица и околината.
Битолско- преспански регион: Поради обилните врнежи од дожд е забележано зголемување на водостојот на реките и излевање на повеќе водотеци, при што се поплавени голем број куќи и дворни места. Во 09:00 часот е закажан состанок на Кризниот штаб на Општина Битола, со цел утврдување приоритети и координација на активностите на терен.




