СДСМ никогаш не го проблематизира проектот „Сејф сити” од аспект на безбедноста, туку се отвора друго сериозно и суштинско прашање – кој, како и со каква контрола располага со податоците за движењето на граѓаните и возилата. Ова го кажа претседателот на СДСМ Венко Филипче на денешниот брифинг со новинари, кој изнесе став дека клучната дилема не е безбедноста, туку заштитата на демократијата, приватноста и спречувањето на можни злоупотреби.
„Легализација на масовен надзор без соодветни ПИ мерки преку системот „Сејф сити” со 65 илјади камери овозможува дигитален надзор над движењето на граѓаните. „Сејф сити” никој не го проблематизира од аспект на безбедноста, туку од аспект на тоа кој и како располага со податоците од „Сејф сити”- движењата на луѓето, возилата, поединците, тоа е тоа што јас го прашувам, никако од аспект на безбедноста, да не се спинува во таа насока”, изјави Филипче.
Како што кажа Филипче, дополнителен проблем е целосното отсуство на законска регулатива.
„Никако со ниту еден закон системот „Сејф Сити” не е регулиран, ниту пак се знае како и на кој начин можат тие податоци и во која цел да се користат. И кога за граѓаните се воведува дигитален надзор, контролата на овие системи станува прашање за опстанок на демократијата. Технички министер за внатрешни работи од опозицијата е гаранција дека овој систем нема да се злоупотреби за следење на движења на поединци од опозицијата, активности на опозиции кандидати и активности за време на кампањата”, рече Филипче.




