Споменик на загинатите од Пулс во Кочани – Kочанчани го поддржуваат идејното решение на семејствата

Синоќа се одржа јавната трибина за идејното решение на семејствата на загинатите од Пулс, во центарот на Кочани да се изгради спомен обележје на жртвите од трагедијата.

Предложената локација е местото познато како Стар парк во Кочани, на триаголникот помеѓу улиците „Браќа Ставреви“ и „Кеј на револуцијата“.

Во присуство на заинтересирани граѓани, во салата на Мултикултурниот центар за Кочани, службите од Одделението за урбанизам соопштија дека односната локација е плански соодветна за реализација на барањето од Здружението на граѓани.

Претставници на семејствата на загинатите од пожарот во дискотеката Пулс

Со цел да се опфати мислењето на пошироката јавност,  во периодот од 2 до 11 јануари беше активна анкета на оваа тема, на која учествувале 260 граѓани, од кои 82 %  се согласуваат со предлогот за определување локација за спомен-обележје, а 18 % се против. 

Јавната трибина беше искористена и за директно анкетирање на учесниците, коишто можеа да пополнат анкетен лист со истите прашања. Од 53 учесници во анкетата, сите одговориле дека се согласуваат со предложената локација.

Александар Наунов, татко на загинатата Надица Наунова, во своето обраќање рече дека проектот „Патека на безконечноста“ не е само проект, туку траен спомен за нивните починати деца.

Александар Наунов, татко на загинатата Надица Наунова и претседател на здружението на семејствата на загинатите

Верица Трифунова, мајка на загинатата Моника Спасова, во своето излагање рече дека досега очекувала Општината да покрене иницијатива за изградба на спомен-обележје, како што тоа го направиле општините Струмица и Штип за нивните граѓани загинати во Пулс, а не тие како здружение, како што рече, да молат за локација.

Верица Трифунова, мајка на загинатата Моника Спасова

„Местото и локацијата е избрано да биде во центарот на градот затоа што починатите деца пораснаа во Трговскиот центар, идејата не е тоа да биде место за оплакување, туку за оддавање почит. Притоа ќе бидат зачувани зеленилото и намената на просторот“, изјави Марија Петрушова, мајка на загинатиот Андреј Панов.

Благица Сабовљевиќ Стоименова, советничка во Советот на о. Кочани и мајка на повредено момче во трагедијата во Пулс

Од претставниците на советничките групи на ВМРО ДПМНЕ и на независната советничка листа предводена од Благица Сабољевиќ Стоименова беше истакнато дека идејното решение ќе биде поддржано на идната седница на советот, со што речиси е сигурно дека одлуката ќе биде донесена.

Родителите побараа од општината да вложи напор со одобренијата, за спомен-обележјето да може да биде изградено до 16-ти март, кога ќе се наврши една година од ужасната трагедија, која нанесе траен белег врз Кочани.

(К.М.)

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ