Во Штип од 1 јануари поскапеа такси превозот, паркингот, водата и канализацијата

Старт 70 денари, во чија цена на се сметаат поминати два километри како до сега и 25 денари за секој поминат километар, е новата цена за авто-такси превозот што ја донесе Советот на општина Штип на последната седница на 29 декември 2025 година. Тоа значи ако се возите од населбата Сењак до центарот на градот, со новата цена ќе платите 145 денари, наместо сегашните 80 денари. Ноќе стартот ќе се наплаќа 90 денари и 25 денари од километар. Саат чекање е 300 денари. За време на празници, стартот е 100 денари со 25 денари од минат километар. За втората тарифа за патување надвор од Штип, стартот е 70 денари со 50 денари за минат километар.

Со новата цена, патувањето до Скопје со такси ќе чини околу 7000 денари.

Споредба на цени за такси превоз

На расправата за новата цена на такси превозот, единствено Галаба Вереса од СДСМ реагираше на образложението за причините за донесувањето на оваа одлука.

-Како и сите до сега сите одлуки за зголемување на цените вашето образложение е исто: „Поради зголемување на животните и експлоатациони трошоци се предлага зголемување на цените со кои ќе се обезбеди поквалитетен и побезбеден превоз“. Дали мислите и на животните трошоци на граѓаните, кои ќе ги плаќаат овие повисоки цени?, праша Вереса.

Советничката од СДСМ беше единствената која на Комисијата за урбанизам кој брои 4 члена, гласала против зголемување на цените. Останатите тројца советници од владејачкото мнозинство на ВМРО ДПМНЕ гласале „за“ новите цени.

Сепак, одлуката за поскапувањето на такси превозот беше донесена со 16 гласа „за“ и 5 „против“.

Граѓаните реагираат дека овие нови цени се донесуваат во време кога цената на горивата е стабилна и многу пониска од пред две години. Покрај тоа, со влегувањето на нова компанија со 50 хибридни возила трошоците за горивото се значајно пониски од тие што возат на фосилни горива. Која е економската логика, реагираат граѓаните на социјалните мрежи.

Граѓаните споделуваат и искуство дека новите цени веќе се применуваат, иако одлуката за новите цени се’ уште не објавена во Службен гласник на општината Штип. Во донесената одлука од Советот пишува дека стапува во сила следниот ден од објавувањето во Службен гласник. Во оваа одлука се вели дека до 1 февруари треба да се баждираат фискалните апарати.

Час паркинг 30 денари, 5000 денари годишно во зона А

На последната седница донесена е одлука за поскапување на водата и одводот на отпадни води за минимални 1 отсто, според ограничувањата од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) за 2026 година, што не е случај со паркингот.

Направени се промени во начинот на оформување на зоните за паркинг. А зоната добива 5 реони, а на Б зоната се додаваат уште неколку паркинг простори кои до сега не беа опфатени, како што е просторот кај управната зграда на Астибо.

Во зоната А цената на час паркинг се зголемува за 10 денари и сега ќе чини 30 денари. Станарите од зона А ќе плаќаат 2000 денари годишна налепница наместо досегашните 1150 денари. Годишно за зона А сега ќе чини 5000 денари. Месечниот билет е 1000 денари. Дневниот билет за оваа зона ќе изнесува 100 денари, а 40 денари е час во хуманитарната зона. 20 денари ќе одат за Солидарниот фонд.   

Како што образложи Марија Кузеклиска од ЈП Стипион 2011,  универзалниот годишен билет за зона А и Б изнесува 7000 денари, додека правните лица за годишен закуп на еден паркинг место ќе треба да платат 50.000 денари во зона А и 35.000 денари во зона Б.

„Пајак“ ќе ги крева возилата

Доколку заврши возилото со блокатор поради неплатен паркинг, сопственикот ќе треба да плати 1000 денари, исто колку што е глобата за паркирање беа да се плати.

Ќе биде засилен и надзорот преку ангажирање на редари и со помош на видео надзорот. Ќе се набавува и пајак, за што со ценовникот се предвидува да се плати износ од 3000 денари за секоја интервенција и дополнителни 100 денари за поминат километар.

-Цените на паркирањето не се променети од воведувањето на платен паркинг, а сите цени на услугите се зголемени како и личниот доход. Ова е симболично зголемување за 10 денари, образложи Панче Стефанофски, директор на ЈП „Стипион 2011“.

Стефановски рече дека засега нема да се воведе ограничување на паркирањето на два часа во делови од градот бидејќи паркингот го користат најчесто вработени во институции и приватни компании, кои ќе треба да ги препаркираат возилата на секои два часа.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ