Серија одлуки на општинските совети беа донесени во периодот пред Нова Година на последните седници во годината. Дури во некои од општините закажаа и специјална вонредна седница, на која мнозинството гласаше документ – именуван како заклучок, со кој пред граѓаните се потврдува, меѓудругото дека од одредена општина, „нема, ниту било побарано, ниту е договорено, ниту ќе биде дозволено воспоставување мигрантски кампови, прифатни центри или какви било трајни форми на сместување мигранти“. Вакви одлуки за документи, именувани секаде под исто име: „Заклучоци против дезинформациите за мигрантите за мигрантски кампови и политичките манипулации“, беа донесени во Кавадарци, Штип, Виница, Ѓорче Петров, Неготино и повеќе десетина други.
Интегрално, со Заклучоците се осудува „лажната кампања и манипулативното дејствување на опозициски политички субјекти, преку кои во јавноста се пласираат невистини и инсинуации за наводно прифаќање мигранти или изградба на мигрантски кампови на територијата на општините“.
„Се констатира дека ваквите дезинформации се шират свесно и континуирано, со цел создавање паника и чувство на несигурност кај граѓаните, што директно ја нарушува стабилноста и спокојството во локалните заедници. Се потврдува дека на територијата на oпштината нема, ниту било побарано, ниту е договорено, ниту ќе биде дозволено воспоставување мигрантски кампови, прифатни центри или какви било трајни форми на сместување мигранти. Се утврдува дека со овие заклучоци се става крај на сите шпекулации, дезинформации и лажни сценарија поврзани со наводно прифаќање мигранти или изградба на кампови, и се потврдува јасна и непроменлива политика против нелегалната миграција, во интерес на безбедноста на граѓаните“, стои во усвоениот документ.
Имаше и референдуми против мигранти
Оваа пракса и не е нова за македонските општини. Повторно во ситуација кога се наметна страв од населување на мигранти, се бараше референдум, преку кој ќе се забрани нивното доаѓање.
Во Штип на пример, на 5 септември 2017 година, на вонредна седница со 12 гласа „за“ мнозинството советници ја изгласаа одлуката за распишување на референдум против населувањето на мигрантите.
„Референдумското прашање ќе гласи: Дали сте за или против населувањето на мигранти во Штип“, беше изгласаниот предлог.
Вакви одлуки беа донесени во повеќе друго градови како Кавадарци, Битола, Гевгелија и скопските општини Гази Баба, Аеродром и Карпош. Во тоа време, централната власт ја имаше коалицијата на СДСМ.
Сега е обратна ситуација, во која СДСМ тврди дека преку измените на законот за странци се отвора вратата на миграните вратени од Велика Британија, со тоа што законот предвидува надвор од предвидените квоти од 10.000 странски работници, да им се овозможи работа во Македонија на стратешките проектите од Коридор 8 и 10. Од ВМРО ДПМНЕ одговорија со донесување на вакви заклучоци.
Турците „нагрнаа“ со работа и нови фирми
Лани во Македонија дозвола за работа добиле 6.128 работници главно од Бангладеш, Непал, Индија, Турција, Кина и Филипини, што е три и пол пати повеќе од пред пет години. Сепак најбројни се Турците. Турските државјани се во исто време и странците кои доминираат во бројот на отворени фирми од странци во Македонија. Во 2025 година во Македонија се регистрирале 7.135 нови фирми или околу по 20 дневно.
Од тоа, 83,5% имале македонски сопственици, а 16,5% странско. Од 632 нови фирми, секоја 11-та е турска. Тоа е 3,6 пати повеќе од турските фирми во Србија, Косово и Италија заедно.




