Покрај приватната тужба на Михаил Јованов, и обвинителството бара одговорност за демолирањето на Класик – Отворена предистражна постапка

Покрај приватната тужба на Михаил Јованов преку неговата фирма БИТ ТИМ ДООЕЛ Кочани, и Јавното обвинителство од Кочани води предистрага за демолирањето на „Класик кафе“ од 17 март. Се работи за случајот кога гневната маса луѓе излезени да протестираат за пожарот во дискотеката „Пулс“, ги искрши излозите и дел од инвентарот на вториот локал на сопствениците на „Пулс“, „Класик кафе“ во Трговскиот центар во Кочани.

„Точно е, има кривична пријава и се води предистражна постапка, со цел да се донесе јавно обвинителска одлука. Истражни дејствија се превземаат во предистражна постапка поради тежината на кривичното дело. Ние имаме оформено кривичен предмет, меѓутоа предистражна постапка е за кривични дела со запретена казна до 5 години, а истражна постапка се води за кривични дела над 5 години“, информираат од Основото јавно обвинителство Кочани за Канал 77.

Предистражната постапка е започната по увидот извршен од страна на полицијата:

„Од страна на Одделението за внатрешни работи(ОВР) – Кочани по овластување на јавен обвинител од Основно јавно обвинителство – Кочани извршен е увид на местото на настанот и за истото доставени се соодветни поднесоци до ОЈО“ – информираат од Министерството за внатрешни работи за Канал 77.

За случајот Канал 77 разговараше и со адвокатката на Михаил Јованов, Ивана Коцевска, која е адвокат на Михаил и Дејан Јованови и во судскиот процес за пожарот во дискотеката „Пулс“. Коцевска ни достави писмен одговор, во кој вели дека оваа постапка не треба и не смее да се злоупотребува против ова лице (Михаил Јованов), во корелација со актуелната кривична постапка која се води против него и многу други лица за пожарот во дискотеката, бидејќи, како што истакнува адвокатката „она што се случи на 17.03.2025 година е казниво по законот и не кореспондира со оправдано однесување“.

„Поради наведеното, јас како полномошник на оштетениот – истакнувам дека случениот настан на 17.03.2025 година, за кој е покрената приватната кривична тужба поради сторени кривични дела, а како израз на НЕОПРАВДАН револт – мора законски да биде процесуирана и поднесена пред надлежен орган кој понатаму ќе одлучува за евентуална кривична одговорност. Доколку сакаме сите да бидеме еднакви и праведни пред законот, мораме да го почитуваме“, смета Коцевска.

На 30 март во Основниот суд во Кочани е закажано рочиште за помирување на двете страни – тужените демонстранти и Михаил Јованов, па ја прашавме Коцевска за нивните барања:

„Клучно за исходот на секоја кривична постапка е да се добие правична одлука со која ќе се делува и влијае позитивно спрема секој што сторил кривично дело – никогаш повторно во иднина да не се јави во такво својство. Едновремено, во својство на Адвокат на оштетеното правно лице БИТ ТИМ ДООЕЛ Кочани, застапувано од оштетениот Михаил Јованов од Кочани, сакам да истакнам дека оваа кривична постапка е иницирана од моја страна како правен застапник на оштетениот, во насока на правично и законито спроведување на законот“, вели Коцевска.

Ивана Коцевска, адвокатка на Михаил Јованов во случајот за демолирањето на Класик кафе и адвокатка на Михаил и татко му, Дејан Јованов, во случајот за пожарот во дискотеката Пулс

За утре во Кочани е закажан протестен марш за поддршка на тужените млади кочанчани кои го демолираа „Класик кафе“ во организација на семејствата на загинатите од пожарот во „Пулс“. Семејствата на загинатите застанаа во одбрана на тужените, кои сметаат дека тужбата е „неправедното насочување вина кон младите“.

Семејствата на загинатите повикуваат на марш за поддршка на тужените

„Наместо институциите да ја утврдат одговорноста таму каде што реално лежи, фокусот неоправдано се насочува кон млади лица кои сами биле изложени на опасност. Јавноста јасно укажува дека реакциите на дел од младите по настанот биле последица на шок, траума и силно чувство на неправда – а не свесно или намерно делување.  Човечкиот живот не може и не смее да се стави пред материјална штета. Безбедноста и животот на секое дете таму биле загрозени многу пред револтот. Затоа, доминантниот граѓански став е дека токму причините за трагедијата и институционалните пропусти мора да бидат во центарот на истрагата – а не младите кои беа директни жртви на таа небезбедност.Бараме непристрасно, стручно и одговорно постапување – без селективна правда. Бараме итно запирање на неправедното насочување вина кон младите, кои беа изложени на ризик, а не причинители“, соопштија семејствата на загинатите.

Семејствата на загинатите со поддршка за тужените млади кочанчани

Адвокатката Коцевска вели дека тие не се противат на загарантираното право на протест, за нив спорно е што протестот од 17 март преминал во насилство:

„Никој, никому не забранува да демонстрира револт преку законските определени механизми за истото, како што е штрајкот, јавни протести, демонстрации итн, итн. Но доколку таквиот револт ги премине границите на законско дозволеното, тоа подлежи на одговорност пред законот.“ – вели Коцевска.

На 17 март лани, ден по големата трагедија се организираше протест, кој пред општинската зграда излезе од контрола, кога револтираните граѓани ги искршија прозорците и вратите на општинската зграда, по што се упатија кон трговскиот центар, каде ги искршија излозите и дело од инвентарот на Класик кафе, вториот угостителски објект на Јованови, по дискотеката Пулс.

Насилства имаше и пред домот на тогашниот градоначалник, Љупчо Папазов, кој подоцна истиот ден си поднесе оставка. Единицата за брзо распоредување тогаш ги спречи гневните граѓани да дојдат до куќата на Јованови со кордон кој го блокираше пристапот на улицата.

(К.М.)

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ