„И досега не покажавте емпатија, туку суровост“ – Александар, таткото на загинатата Надица Наунова до адвокатката Коцевска

Во сабота во Кочани се одржа Марш за ангелите, на кој голем број граѓани излегоа во поддршка за тужените млади кочанчани, кои на 17 март 2025, ден по трагедијата во Пулс, го каменуваа кафе барот Класик во центарот на Кочани, а против кои беше покрената приватна кривична тужба од синот на Дејан Јованов Деко, Михаил Јованов, кој е трето обвинет во процесот за пожарот во дискотеката.

На маршот во преден план беа два постери генерирани со вештачка интелигенција. На едниот се прикажани деца како плачат над други деца кои лежат на земјата опколени со свеќи, симболизирајќи ја болката и тагата на тужените млади во моментот кога го извршиле демолирањето на кафе барот, додека на другиот постер беше прикажана жена во пеколот со куфери со пари, за кои ѓаволот и вели да ги остави, бидејќи парите нема да и требаат во пеколот.

Двата постери со кои маршираа во преден план семејствата на жртвите

На постерот реагираше адвокатката на Јованови во двата процеси, за Пулс и Класик, Ивана Коцевска, која посочи дека таа е прикажаната жена на постерот:

Ивана Коцевска, адвокат на Дејан Јованов Деко и Михаил Јованов во процесот за Пулс и адвокат на фирмата на Михаил Јованов во процесот за Класик кафе

„Во својство на бранител на дел од обвинетите во кривичниот предмет за трагичниот настан во Кочани, досега се воздржував од секакви напади во име на емпатичноста и сочувството со болката на родителите на починатите. Меѓутоа, откако јавно се изложи револт за мојата покрената кривична постапка за вандализмот што се случи на 17.03.2025год од одредени НН лица кои родителите ги оправдуваат, а согласно законот се подложни на одговорност, повеќе немам простор да се воздржувам. Имено, родителите си дозволија да организираат штрајк во кој мојот лик е злоупотребен и фотошопиран во небулозна форма која не само мојот, туку го нарушува угледот на секој еден адвокат и за ова треба и апелирам да реагираат сите надлежни органи на РМ во заштита на нашата професионална должност пред се, а потоа и во насока на заштита на нашиот интегритет и достоинство како носители на правната заштита и владеење на правото.“ – стои во реакцијата на Коцевска.

Александар Наунов, татко на Надица Наунова, жртва на пожарот во Пулс

Александар Наунов, татко на Надица Наунова која го загуби животот во трагедијата во дискотеката „Пулс“, јавно ѝ се обрати на адвокатката Коцевска со остра реакција. Во неговото обраќање, Наунов категорично ги негира наводите дека таа била предмет на напад и укажува на изјавите кои, според него, таа ги упатила во судницата, оценувајќи ги како навредливи и нечовечки.

„Кога јавно зборувате за ‘сочувство и емпатија’, мора да ве потсетиме на вашите сопствени зборови изговорени пред луѓе кои ги изгубија своите деца. На судењето рековте дека обвинетиот требало да одговара за ‘небрежност’, а не за тешки дела, дека ‘немал свест’ за обврските и најболната реченица: „За вас е тој монструм, за мене е обичен човек“. Тоа лично вие го кажавте пред нас родителите кои ги погребаа своите деца. Тоа не е емпатија. Тоа е суровост!

Ние, семејствата, не ве спомнавме. Ние не ве нападнавме. Ние организиравме марш – тивок, достоинствен чин на луѓе кои бараат правда. Не штрајк, како што велите. Не напад кон вас. А најмалку повик против адвокатурата.

Учесниците на протестот преку симболика прикажана со слики генерирани со вештачка интелигенција искажаа поддршка за тужените млади кочанчани за каменувањето на Класик кафе

Се обидувате да прикажете лице кое стои во центарот на нелегален, небезбеден и финансиски нерегулиран објект, лице кое поради профит ги игнорирало сите безбедносни стандарди и го заобиколувало законот преку мито и корупција, како човек што ‘немал свест’. Дали бевте свесни колку е сурово тоа за нас родителите, на кои таа вечер децата им беа изгорени, пеплосани, задушени, згмечени и отровени?“ вели Наунов.

На саботниот Марш за ангелите, семејствата на загинатите прашаа како е возможно и легално обвинет за трагедија од вакви размери да може да отуѓува имот:

Розета Блажева, сестра на Јорданчо Џамов, жртва на пожарот во Пулс

„Како е возможно, лице кое е осомничено во трагедијата со 63 жртви и е дел од истрага, или се споменува во јавноста како осомничено, слободно да отуѓува имот и без судска забрана и без јасна контрола на потеклото на средствата. Ова е системско, легитимно прашање и не се однесува на лична критика туку на еднаквост пред законот“, рече Розета Блажева, сестра на починатиот Јорданчо Џамов.

На Маршот за ангелите семејствата реагираа и на одолговлекувањето на постапката на ОЈО ГОКК за осмоничените полициски службеници поврзани со трагедијата:

Верица Трифунова, мајка на Моника Спасова, жртва на пожарот во Пулс

„Веќе предлого ОЈО за ГОКК ја влече постапката што започна на 12 јуни 2025 година. Месеци слушаме дека е во завршна фаза, а одлука нема. Во трагедија од вакви размери, секое доцнење е неправда. Бараме рок, одулка и одговорност. Нема да дозволиме овој случај да стане уште една затурена папка, ќе бидеме тука додека правдата конечно не биде испорачана. Правдата што доцни, не е правда“, рече Верица Трифунова, мајка на починатата Моника Спасова.

Денеска продолжува судењето за трагедијата во Пулс по подолга пауза. Претходното рочиште беше одложено по барање на бранителката на поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Аднан Џаферовски, адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска, која во меѓувреме беше избрана за член на Судскиот совет.

(К.М.)

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ