„Постојат три можни решенија“ – Николоски на граничниот премин Блаце им даде целосна поддршка на транспортерите

Фото: Принтскрин

Ова предупредување доаѓа навреме и сметам дека февруари и март треба максимално да се искористат и земјите членки на шенген-зоната да изнајдат решение, изјави денеска вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, кој на граничниот премин Блаце им даде целосна поддршка на транспортерите, кои заедно со своите колеги од Западен Балкан почнаа седумдневни блокади барајќи решавање на електронската евиденција за престој во шенген-зоната во согласност со правилото 90/180 дена од април годинава. 

– Во принцип, постојат три можни решенија. Првото решение е да се одложи примената на новиот електронски систем за евиденција за превозниците. Второто решение е да се зголеми бројот на денови што превозниците може да ги поминуваат во шенген-зоната – најмалку на 250 дена, соодветно распределени во циклуси, наместо сегашните 90 дена во 180. Третото решение е професионалните возачи и превозници да не се третираат како туристи, туку како професионалци. Тоа може да се уреди преку посебни правила или преку работни визи, како што моментно тоа го прави Швајцарија, со што би им се овозможил слободен транзит во земјите од шенген-зоната – изјави Николоски.

Сè спротивно од ова, вели Николоски, ќе има сериозни последици – не само за македонската и регионалната туку и за европската економија.

– Да не заборавиме дека најголемиот дел од странските инвестиции во Македонија, како и во целиот регион, доаѓа токму од земјите членки на шенген-зоната и Европската Унија. Овде најчесто се произведуваат полупроизводи, кои потоа се извезуваат во земјите од кои доаѓаат инвеститорите, каде што се доработуваат и стануваат финални производи. Да не заборавиме на земјоделските производи, да не заборавиме на транзитот, да не заборавиме на она што го произведува Грција и што се извезува кон север. Да не го заборавиме ниту главниот трговски коридор на Централна и Југоисточна Европа – Коридорот 10, кој претставува економски крвоток на целиот регион. Затоа апелирам и замолувам уште еднаш внимателно да се размисли и да се разгледа ова прашање – истакна Николоски.

Посочи дека со претставници на Европската комисија со години се обидувале да им ги предочат овие работи, но дека не наишле на доволно слух.

Додаде дека веќе разговарал со министерот за транспорт на Грција и ќе направи обиди да разговара и со Бугарија иако таму во моментот има техничка влада, а в среда заминува за Загреб да раговара со својот хрватски колега. 

– Станува збор за земји што се членки на шенген-зоната, директни или индиректни соседи, и кои може да извршат дополнителен притисок за изнаоѓање решение – рече Николоски.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ