Штип: „ООУ „Гоце Делчев“ – шпекулации за трансформација на училиштето во ученички и студентски дом

Вистина или шпекулација – ООУ „Гоце Делчев“ од Штип, каде учат околу 600 ученици да се затвори и преадаптира во ученички и студентски дом е муабетот што деновиве интензивно се коментира меѓу родителите и наставниците, но и пошироката штипска јавност.

Училиштето, кое оваа година ќе одбележи 60 години засега, според официјалните одговори, е предмет на шпекулации. Образовните власти не ги потврдуваат, иако како што велат и до нив стигнале овие информации.

Се работи за училиште, кое беше предмет на  тужба за сегрегација од група граѓани пред Европскиот суд за човекови права од Стразбур поради формирани паралелки само од ученици Роми. Со пресудата се барање државата да ја исправи оваа неправилност, поради што, Општината Штип донесе „Акциски план за десегрегација на ученици од ромска националност“.

Деновиве, според информации од родители, оваа тема била точка на состанокот на Советот на родители со најава дека ќе бидат доставени анкетни ливчиња до родителите на децата кои учат во училиштето. Денеска не успеавме да добиеме потврда од раководството на ООУ „Гоце Делчев“. Се работи за основно училиште кое е трето или четврто по број на ученици, зависно од учебната година.

Одговори побаравме од општината, која е основач на училиштето. Раководителката Снежана Санева рече дека нема ништо официјално до нив, иако и до неа стигнале шпекулациите. Сепак, упати на документ, каде се споменува ова училиште во тој контекст. Се работи за општинската Стратегија за развој на воспитно – образовниот систем во општина Штип (2025 – 2030 година), донесена лани во ноември.

Во овој документ се забележува дека има постојан пад на бројот на ученици во штипските училишта, се зголемува бројот на празни места, додека Штип како универзитетски град, има потреба од студентски и ученички дом. Проблем се и високите патни трошоци што се плаќаат за средношколците кои учат во Штип, а доаѓаат од други населени места. Дополнително, се споменува  и проблемот на сегрегација на учениците Роми во ООУ „Гоце Делчев“ што резултираше со изгубен спор по поднесена тужба од група граѓани „Елмазова и други против Република Македонија“ во Европскиот суд за човекови права.

„Токму поради ова, прашањето за сегрегацијата е проблем што бара итно решение. Во суштина, намалувањето на бројот на ученици како појава е правопропорционална на појавата на сеграгацијата на учениците Роми. Со намалување на училишните обврзници се зголемува бројот на празни места во основните училишта, со што се зголемуваат можностите на родителите да бираат каде би го запишале своето дете. На овој начин силно се истакнува проблемот со процентуално зголемување на ученици Роми во ООУ „Гоце Делчев“, стои во документот.

Понатаму се додава:

„Друг фактор кој значително влијае на појава на сегрегација на ученици Роми е локациската поставеност на ова училиште. Кај средните училишта проблемот со привлекување на ученици од околните општини главно лежи во недоволниот капацитет за сместување на учениците. Во градот воопшто нема ученички дом, што ги тера учениците да бараат алтернативно приватно сместување или пак секојдневно да патуваат. Секојдневното патување на учениците на средните училишта им создава значајна финансиска обврска, што пак резултира со недоволни финансии за обезбедување на останатите есенцијални елементи како и вложувањето во нови технологии…“. На крај се заклучува:

„Од сето ова, можеме да констатираме дека на Штип му е потребен студентски и ученички дом и тоа во најбрз можен рок, Затоа, сметаме дека е потребно да се разгледаат можностите за преадаптација на дадените капацитети со кои градот располага во моментот, со цел по пат на 13 оптимизација, за краток временски период ова да стане реалност, односно градот да добие сместувачки капацитети за ученици и за студенти“, пишува во усвоената Стратегија.

Санева вели дека Стратегијата е само документ за проекции за развојот на воспитно образвниот процес во перспектива.

Дел од родителите за евентуалната трансформација на ООУ „Гоце Делчев“  посочија кон Роберт Аџипетров, штипјанец и актуелен директор на Педагошката служба.

Во краткиот телефонски разговор Аџипетров рече дека овој процес не е во негова надлежност, а неговото споменување е веројатно поради заедничките посети на училиштата со министерката за образование, Весна Јаневска, иако тој за прашањето има личен став.  

Министерката Јаневска повеќе пати ја има споменувано оптимизацијата на училишната мрежа. Појдовна основа е анализата што ја направи УНИЦЕФ, каде се утврдува дека „во последните две децении, соодносот ученик-наставник е намален од 18 ученици на еден наставник (2000/2001) на 10 ученици на еден наставник (2019/2020)“.

„Покрај тоа, училиштата со најнизок сооднос на ученик-наставник во земјата, имаат помалку од пет ученици по наставник. Кога ќе се земе предвид големината на паралелките, Законот за основно образование (2019) предвидува дека во секоја паралелка треба да има најмалку 20 ученици. Сепак, само 13 општини (16%) го исполнуваат овој услов а повеќето општини се со просечна големина на паралелките од 10-15 ученици. Со оптимизацијата на училиштата треба да обезбеди дека училишната мрежа одговара на локалната демографска реалност, со потребните прилагодувања за правичност, стои во анализата на УНИЦЕФ.

Дали ООУ „Гоце Делчев“ ќе биде опфатено со таа оптимизација, засега не може да се каже. МОН се’ уште не излегло со план како официјален документ. Од друга страна, претставничката на УНИЦЕФ во Македонија при една од посетите на Штип кажа дека овој процес нема да се одвива беа широка дебата во јавноста, во која ќе бидат вклучени родителите, наставниците и учениците.

В.К.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ