Полициските службеници од полициската станица за граничен надзор и граничен премин „Блато“ на македонско – албанската граница, кај Дебар, минатата година откриле повеќе кривични и прекршочни дела, споредено со претходната година.
-Во текот на 2025 година, полициските службеници од полициската станица за граничен надзор и граничен премин „Блато“, открија 15 кривични и 32 прекршочни дела, што е за три односно 16 дела повеќе споредено со претходната година, рече за МИА, Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи-Охрид.
Додаде дека станува збор за сторени кривични дела „шверцување“, „фалсификување исправи“ и „шверцување добиток“ при што запленети се 29 грла крупен добиток при обид за криумчарење преку државната граница, потоа „давање поткуп“, како и по други основи.
– Минатата година од слобода лишени се 22 лица, или 15 повеќе од 2024 година, а приведени биле 7 лица поради нелегален премин на македонско-албанската граница или пет лица помалку споредено со претходната година, посочи Димоски.
Кога станува збор за сторителите, кои се лишени од слобода, тие се македонски и албански државјани.




