Во придружба на полицијата, во координирана акција, инспекторката за животна средина и комуналните инспектори од Општина Струмица, влезе во фирма, која управувала со отпад без соодветна дозвола, по што покрената е постапка за спогодување пред Комисија формирана од Министерството за животна средина и просторно планирање. Инспекторите запленија и 31 килограм бакар што бил пронајден кај три физички лица.
Како што соопштија од Општината Струмица, од страна на комуналните инспектори на шест физички лица им се изречени прекршочни глоби во износ од 50 евра, согласно Одлуката за комунален ред.
-На уште четири физички лица, од страна на инспекторката за животна средина, им се изречени глоби во износ од 250 евра, согласно Законот за управување со отпад, поради согорување отпад на отворено. Сите преземени мерки се во согласност со важечките законски прописи. Засилените контроли во делот на загадувањето на воздухот предизвикано од согорување отпад и бакар на отворено ќе продолжат и во наредниот период, во координација со Министерството за внатрешни работи, информираат од Општина Струмица.
Како што соопштуваат, следат редовни инспекциски надзори над правни субјекти кои поседуваат Б-интегрирана еколошка дозвола.
Измината сабота граѓаните на Струмица излегоа на протест против аерозагадувањето при што изнесоа неколку барања, меѓу кои и зголемување на бројот на инспектори. Општината ги повика граѓаните да ги информираат инспекциите веднаш штом забележат загадување.
Фотографија: ФБ Здрава котлина




