Возачите на камиони се внесуваат во листа на професии со флексибилен влез – ЕУ ја промовираше Стратегијата за визи

Фото: Видео принтскрин

На прес конференција што се одржа во седишето на ЕУ во Брисел, беа промовирани два документи – Стратегијата за визи и Стратегијата за управување со азил и миграција, кои се најавени како документи со кои се воспоставуваат современи и унапредени принципи на мобилност.

Конкретно, во однос на прашањето за работењето на транспортерите, односно возачите на камиони од Западен Балкан, кои четврти ден се на блокади на границите во знак на протест, беше кажано дека во визната стратегија се „адресира овој проблем“.

Хена Виркунен, извршен потпретседател на Европската комисија за технолошки суверенитет, безбедност, одговорајќи на новинарско прашање рече дека запознати се загриженостите на кои упатија транспортните оператори во Западен Балкан., но и дека документот го решава нивното прашање.

-Затоа,  предлагаме да побараме сега и повеќе флексибилност тука без да се компромитира безбедноста во исто време. Но, правилата не го променија ниту тоа. Сега го имаме овој систем за влез и излез. Кога станува збор за патување без виза, кога ги имаме овие погранични работници, кои секој ден ја преминуваат границата, тие имаат исклучоци и флексибилност секогаш, бидејќи тие, нормално, го користат секогаш истиот премин. Но ова е малку поинакво кога станува збор, на пример, за возачи на камиони. И исто така, има и некои други професии каде што, исто така, идентификувавме предизвици, како што се спортисти, а исто така и уметници на турнеја, на пример. Но, ние го разгледуваме тоа. И исто така во оваа визна стратегија, сега го адресираме овој проблем, рече Виркунен.

Сепак, овој документ не донесува конкретно решение за проблемот на транспортерите, туку основа да почне да се разговара, што може да се прочита од содржината на Стратегијата за визи:

„Комисијата ќе соработува тесно со земјите-членки за да идентификува прагматични решенија за ова прилагодување на продолжените кратки престои за одредени категории државјани на трети земји, обезбедувајќи безбедносна и економска корист за Унијата, како и правна јасност за патниците. Овие рефлексии, исто така, ќе го истражат воведувањето на ново законодавство со специфичен сет на продолжени правила за краток престој на ниво на ЕУ. Во овој контекст, Комисијата ќе го разгледа влијанието на постојните билатерални договори што дозволуваат продолжени престои, со цел постепено нивно укинување. Комисијата ќе се консултира со земјите-членки за поставување на можен заеднички список на потврдени компании, вклучувајќи стартапи и растечки компании, чии вработени би добиле брза обработка, олеснувајќи ги процедурите за доверливи деловни патници и носејќи економски придобивки за целиот единствен пазар на ЕУ“, пишува во документот.

Европската комисијата со двете стратегии образложи дека не се работи за законска регулатива, туку за обид да се консолидира визијата на Комисијата за миграциската политика. „Политико“ напиша дека визната стратегија отворено го преформулира доделувањето визи како централен лост на надворешната политика – тренд што е веќе видлив во заострувањето на правилата за Русите .

„Нашата визна политика е моќна алатка – и мора да им служи на нашите интереси. Патувањето без визи во ЕУ е привилегија. Тоа доаѓа со јасни одговорности што ги утврдува оваа стратегија“,изјави комесарот за миграција Магнус Брунер.

Во пракса  тоа значи дека третите земји ќе бидат оценувани според нови објективни критериуми, вклучувајќи ниски стапки на одбивање на визи и високи стапки на враќање. Доколку обврските не се исполнети, безвизното патување би можело да биде суспендирано.

„За земјите чии граѓани имаат потреба од визи, ќе ја зајакнеме нашата моќ со потесно поврзување на условите за виза со соработката во реадмисијата, заштитата на границите, безбедноста и борбата против нелегалната миграција“, рече комесарот Брунер. 

Донесената Стратегија за визи им оди во прилог на возачите на камиони од Западен Балкан, кои во барањата од протестот го истакнуваат и проблемот со редовното работење и влезот во Шенген зоната поради ограничувањето на престојот, како да се туристи.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ