Поднесени обвиненија за 23 полицајци и началници за пожарот во „Пулс“ – Кочани

Фото: МИА

Во три обвиненија што денеска ги поднесе Обвинителството, опфатени се вкупно 23 вработени во Министерството за внатрешни работи, полициски службеници и началници за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Со обвинение се опфатени 13-мина кои кобната вечер вршеле контрола во дискотеката. Од оваа бројка, 9 се полициски службеници и четворица началници во СВР Штип. Овие тринаесет обвинети се гонат за кривичното дело ,,Тешки дела против општата сигурност”.

Според обвинението, во периодот од 14 до 16 март 2025 година обвинетите полициски службеници одобриле и спровеле план за акциска контрола на угостителски објекти без целосна проверка дали се испочитувани законските прописи и безбедносните процедури. При контролата во кабарето не биле преземени соодветни мерки за заштита на присутните лица, ниту било спречено користење на непријавена пиротехничка опрема, што довело до настанување на пожарот.

Покрај обвинителниот акт, до Основниот кривичен суд Скопје се поднесени и обвинителни предлози против уште 12 полициски службеници. Девет од нив се обвинети за злоупотреба на службената положба и овластување при издавање согласност за работа на кабарето во 2022 и 2023 година, со што е овозможено прибавување противправна имотна корист. Тројца полициски службеници се обвинети дека при изготвување службени записници внеле неточни податоци и овозможиле неправилно водење прекршочни постапки.

Во однос на седум полициски службеници, јавниот обвинител донесе Наредба за запирање на истражната постапка, бидејќи е утврдено дека нивните законски надлежности не се во директна причинско-последична врска со настанувањето на пожарот. За дел од дејствијата е утврдена и застареност на кривичното гонење, додека за дејствијата преземени во 2022 година се водеше предистражна постапка за што денес е поднесено предметното обвинение. Во текот на истрагата беше донесена и Наредба за запирање на истражна постапка за починатиот полициски службеник.

За сите обвинети лица остануваат на сила мерките за обезбедување на нивното присуство во постапката, до одлука на надлежниот суд.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ