Кога забраните создаваат ризици: дали нелегалните вејпови ќе станат реалност?

Предлог-законот за заштита од пушење предизвикува загриженост дека строгите забрани за одредени никотински производи може да го поттикнат црниот пазар. Со ограничувањето на продажбата на вејпови со ароми, се отвора можност тие да продолжат да се користат, но надвор од каква било институционална контрола.

Во ваков сценарио, државата не само што би губела приходи, туку би се соочила и со сериозен јавноздравствен предизвик. Потрошувачите би набавувале производи од непроверени извори, без информации за составот и без гаранции за безбедност.

Меѓународните искуства укажуваат дека таму каде што се воведени целосни забрани, употребата не исчезнала, туку се префрлила на нелегалниот пазар. Во некои случаи, тестирањата на вакви производи откриле тешки метали и други опасни супстанци, што дополнително го засилува аргументот дека регулацијата и контролата се поефикасни од апсолутните забрани.

Царината неодамна веќе информираше за случај на пронајдени вејпови без бандерола, иако Законот се уште не е усвоен. Настанот се случил во дуќан во Струга, а производите биле во вредност од над 1,8 милиони денари.

„При контролата пронајдени се 1.027 кутии цигари, 1.387 електронски цигари (вејпови), 530 парчиња цигарилоси, 503 пакувања тутун за наргиле, 77 пури и 19 пакувања тутун за пушење, без акцизни маркички. Со акцијата е спречен обид за нелегална трговија на акцизна стока, за која е избегнато плаќање акциза во износ од 509 илјади денари. Против сторителите е поведена соодветна постапка.“, соопшти Царината.

Во регионот, најголеми предизвици со нелегалните вејпови има соседна Бугарија, откако тамошното Собрание летоска усвои законски измени со кои се забранува продажбата на вејповите за еднократна употреба. Сега таму расте шверцот на овие производи, но и нарачките преку интернет од странство. Еден од последните обелоденети случаи е на аеродромот во Софија. 

„Службениците на царинскиот пункт спречија обид за нелегален увоз на електронски цигари. Инцидентот се случи на 12 јануари 2025 година, кога беше извршен темелен преглед на двајца патници. Прекршителите се кинески државјани кои пристигнаа во Бугарија со лет од Турција. За време на прегледот, во багажот на патниците се пронајдени вкупно 169 шверцувани електронски цигари од типот „vape“, како и уреди и течности кои немаат задолжителна акцизна марка.“, информира бугарската Царина.

Претходно, како што соопшти Царината во Бугарија, скоро три илјади нелегални вејпови за еднократна употреба од типот „vape“ биле откриени во пратка пронајдена во шпедициски терминал во Софија, а биле испорачани од Кина, со назнака дека се водоотпорни спрејови.

Софиската полиција неодамна во акција откри над 2.000 вејпови и голема количина никотински ќесички со вкус и тутун, без бандерола, во подземни гаражи во центарот на градот.

„Потеклото на оваа стока е главно од Русија. Станува збор за многу голема количина, која најверојатно ќе го оштети буџетот за, би рекла, над 1 милион лева, доколку оваа стока се пушти на пазарот“, изјави заменик началничката  на полицијата Нина Петкова.

Проблемот со шверцот на вејпови е глобален. Сериозни предизвици има и полицијата во Австралија откако земјата ја забрани продажбата на вејпови, освен во аптеките каде со упат од матичен лекар овој производ можат да го купат оние кои сакаат да се откажат од цигари. Комесарот на полицијата на Западна Австралија, Кол Бланч за телевизијата ABC, изјави дека сопствениците на маркети стравуваат како од полицијата, така и од криминалците кои рекетираат за да се врши продажба „на црно“. 

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ