Полициската станица во Кочани доби нов командир. Драганче Даневски доаѓа на местото на досегашниот Горан Миленковски. Покрај нов командир на полициската станица, Кочани доби и нов началник на надворешната канцеларија за криминалистички работи (НККР), Тоше Стојанов.
Миленковски на позицијата остана помалку од една година. Беше именуван на позицијата на 26 март, десет дена по трагедијата во Пулс, откако на 18 март министерот за внатрешни работи Панче Тошковски разреши вкупно 7 началници во СВР Штип и ОВР Кочани.
Тогаш, покрај Миленковски, Бојан Величковски од Скопје беше именуван за нов началник на Секторот за внатрешни работи (СВР) Штип, а Игор Јаковлевски на Одделението за внатрешни работи (ОВР) во Кочани. Јаковлевски пред два месеци беше унапреден и го замени Величковски на местото началник на регионалниот сектор на МВР во Штип што ја покрива цела Источна Македонија.
Од МВР не посочуваат кои се причините за смените.
Инаку, вчера PortaliX објави дека наводно на 12 декември минатата година службеното возило кое му било дадено на сега веќе поранешниот командир на ПС Кочани, Горан Миленковски, било фотографирано во Виница пред угостителски објект во вечерните часови, на што од порталот прашуваат „Зошто МВР молчи додека командирот во Кочани го злоупотребува службеното возило?“.

При нашата проверка на таблиците на возилото во регистарот на возила на државни органи, органи на локалната самоуправа, јавни претпријатија или други правни лица што располагаaт со државен капитал, споменатото возило не беше внесено во евиденцијата како возило на МВР.






