На 7 февруари на стадионот „Никола Мантов“ во Кочани ќе се одигра хуманитарен фудбалски натпревар помеѓу екипите на ФК Вардар и на ГФК Осогово, информираат од Вардар:
„На 07.02 во 14:00 часот, ФК Вардар ќе одигра пријателски натпревар против екипата на ФК Осогово во Кочани.
Натпреварот има хуманитарен карактер и се организира во чест и сеќавање на трагичниот настан од 16 март. Сите собрани средства ќе бидат наменети за изградба на спомен-обележје, како траен симбол на почит, сеќавање и достоинство.
Ги повикуваме сите навивачи и љубители на фудбалот да присуствуваат и заедно да покажеме хуманост, солидарност и заедништво.“ – информираат од Вардар.
Во јануари општина Кочани спроведе постапка за одредување на локација за изградба на спомен обележје во градот во чест на жртвите на трагедијата од Пулс, а за таа намена беше определен стариот градски парк во центарот на градот.
На 16 март 2025 во кочанската дискотека Пулс се случи најголемата трагедија во независна Македонија, во која животот го загубија 63 лица, а 211 беа повредени, од кои 157 тешко повредени.




