Нови интимни видеа од козметички салон и гинеколошка ординација протекоа на порнографски сајт – бремена жена, малолетници, јавни личности се меѓу жртвите

Laser epilation, hair removal therapy

Нова серија на видеа и фотографии од клиенти на студио за ласерско отстранување влакна во бугарскиот град Казанлак се појавија на специјализиран порнографски сајт. Се работи за материјали кои се снимени во 2023 година. Сопствениците на студиото не се јавуваат на телефон, туку издадоа соопштение на социјалните мрежи во кое потврдуваат присуство на камера, но тврдат дека не знаат кој ја поставил.

Бугарската национална телевизија (БНТ) објави сведоштво на клиентка на студиото, која вели дека од 2023 година наваму има направено 16 процедури. Таа рече дека видела камера само на рецепцијата.

Друга клиентка, која имала над 100 процедури извршени во студиото за кое станува збор, рекла дека при првото влегување прашала дали има камери внатре, а персоналот ја уверил дека на ова место не може да има камери.

„И верував на оваа жена и многу ми е жал. Шокирана сум и понижена“, додаде таа.

Обвинителството во Стара Загора покрена истрага на случаите на видеата и фотографиите од клиенти на козметички студија на порнографски сајтови. Се испитува и работата на два салони од Бургас од каде исто така излегоа снимки.  

Снимки и од гинеколошки стол

Но, не само од козметички студија, туку интимни снимки и фотографии од скриена камера излегоа и од гинеколошка ординација од Софија, објави телевизија бТВ.

Телевизијата пренесува изјава од д-р Венелин Иванов, кој не негирал дека во канцеларијата има инсталирана безбедносна камера со знаци за видео надзор. 

„Камерата не снима во текот на работното време. Камерата е поставена да снима видеа по работното време, таа е безбедносна камера и не ја инсталирав јас, туку фирма. Легална фирма која ја инсталираше поради скапата опрема. Како се случило, зошто се случило – не знам. Разбираме од вас. Ќе ја демонтираме камерата. Прашањето е кој ги поставил видеата. Тоа е прашање на истрага. Камерата ќе биде демонтирана за безбедноста на пациентите. Има лиценца. Онаа што ја инсталирала ја направила компанија за обезбедување“, изјавил д-р Иванов.

Над 80 жени поднесоа пријави откако интимни снимки снимени за време на процедурите се појавија на интернет. Некои од жртвите веруваат дека тие дури биле емитувани во живо. Адвокатите коментираат дека казната би можела да достигне 6 години затвор и парична казна од 5.000 евра. Случајот покренува прашања за нелегално поставени скриени камери и кршење на активностите за приватно обезбедување. Се препорачува колективна тужба за полесно докажување.

Снимки и од сексуален однос на сопружници

Окружното обвинителство во Бургас издаде наредба за поведување претходна постапка за кривично дело по член 159 за фактот дека во периодот од неодреден датум во 2024 година до јануари 2026 година, биле снимени и дистрибуирани материјали со порнографска содржина, од кои некои прикажуваат сексуален однос меѓу жена и нејзиниот сопруг, а други се поврзани со откривање на гениталиите на повеќе жени, соопшти Штелијан Димитров, портпарол на Окружното обвинителство во Бургас. Бугарските обвинители во средата соопштија дека започнале истрага и извршиле претреси на неколку локации.

Реагираше и Бугарскиот фонд за жени . според кој, случаите на жени кои се тајно снимани за време на медицински прегледи и козметички процедури во Бугарија покажуваат вознемирувачки модел на систематско онлајн и сексуално насилство, наместо изолирани инциденти.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ