Денеска во Основниот суд Штип започна судењето за убиството на 79-годишната Борјанка Николова, која беше убиена во октомври минатата година во штипската населба Широк Дол.
Обвинет за убиството е 74-годишниот Денис Асанов, кој денеска не призна вина за убиството.
Според обвинителниот акт, обвинетиот Денис Асанов се гони за фемицид, бидејќи некаде помеѓу 5-ти и 10-ти октомври минатата година физички ја нападнал Борјанка во неговиот дом, при што и скршил 8 ребра, од кои настанало белодробно крварење. Потоа на претепаната жена и ја одсекол главата, со што настапила смрт.
По убиството, на телото му ги одсекол и нозете, па главата и нозете ги фрлил на непозната локација, а трупот го закопал во дворот.
Денеска сведочеше и сестрата на Борјанка, која посочи дека Борјанка, која не била мажена, живееле кај својата сестра. Последен пат излегла од дома на 30-ти септември со објаснување дека ќе излезе да се прошета.
Откако неколку денови ја немало, нејзиниот внук од сестра се сетил дека можеби е кај Асанов, за кого знаел дека Борјанка има комуникација со него, по што се упатил во неговата куќа, каде и ја пронашол Борјанка и го известил семејството дека таа престојува кај Асанов.

Кога на 10-ти октомври внукот повторно се обидел да стапи во контакт со Борјанка, Асанов му рекол дека му украла пари и облека и побегнала.
Во следните 14 дена семејството ја барало насекаде во Штип, но и по роднини во Радовиш и Виница.
На 24-ти октомври пријавиле во полиција дека Борјанка е исчезната, по што набргу полицијата открила траги од свежо копање во дворот на Асанов, при што телото веднаш е откриено.
Следното рочиште ќе се одржи на 18-ти март во 09:30, кога треба да сведочат внукот на Борјанка и вештите лица.
(К.М.)




