Од помал пожар во кујната започнал големиот пожар кој речиси целосно го изгоре кровот на познатиот штипски ресторан Мал Одмор.
Од пожарот и интервенцијата на пожарната со големата количина вода, причинета е голема материјална штета и во внатрешноста на објектот.
По интервенцијата на штипската противпожарна единица првиот пожар бил локализиран, но час и половина подоцна настанал втор пожар, кој го зафати поголемиот дел од кровот на објектот.
„На 03.03.2026 околу 22:50 часот во СВР Штип било пријавено дека настанал пожар во угостителски објект на ул.„Гоце Делчев“ во Штип, сопственост на Љ.М.(58) од Штип. Пожарот зафатил дел од кујната I бил изгаснат од екипа на Територијалната противпожарна единица Штип. Подоцна, во 00:15 часот повторно било пријавено дека настанал пожар во истиот угостителски објект. Овојпат пожарот го зафатил кровот и пак бил изгаснат од екипа на Територијалната противпожарна единица Штип. Повредни лица нема, а увид извршила екипа од СВР Штип.“ – велат од МВР.
Претходно Канал 77 разговараше со директорот на штипската Клиничка болница, кој исто така потврди дека нема повредени во пожарот.
Во интервенцијата на противпожарната единица учествувале три возила и 12 пожарникари.




