По максималните 120 долари по барел нафта, синоќа светската цена се стабилизира на 81 долар откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека војната со Иран ќе заврши „прилично брзо“, а најмоќните земји од Г7 по состанокот соопштија дека се подготвени да преземат „неопходни мерки“ за поддршка на глобалното снабдување со енергија.
Како што објави BBC цитирајќи аналитичари од индустријата, падот на цените на нафтата во вторник е „момент на одмор за глобалните пазари, но тоа сè уште не е враќање во нормала“, особено за возачите на бензинските пумпи.
Цените на бензините брзо растат, но бавно паѓаат, бидејќи продавачите ќе сакаат да го продадат горивото што веќе го купиле по повисока цена пред да ги намалат цените, рече Алберто Белорин од „Интеркапитал енерџи“.
„Олеснувањето на пумпата ќе се материјализира многу подолго“, рече тој.
Парк Ки Хјун од Школата за меѓународни студии „С Раџаратнам“ рече дека „неизвесноста останува висока“ и покрај падот на цените на нафтата во вторник.
-Цените на горивата ќе останат „променливи“ бидејќи компаниите ќе наплаќаат премија за испораките за да се земе предвид евентуалниот ризик од влошување на ситуацијата, рече Парк ва BBC.
Што ќе значи намалувањето на цената на барелот нафта за македонскиот пазар? Од полноќ веќе имаме нови, високи цени на дериватите, при што цената на литар дизел скокна за 14,5 денари и се продава за 85,5 денари за литар.

Овие цени ќе останат најмалку шест дена, бидејќи Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) сред нафтена криза го смени Правилникот со кој цените ќе ги усогласува секој понеделник, наместо според светските движења на дневно ниво.
Од друга страна Владата денеска одржува редовна седница, кога би можела да реагира со мерки во функција на намалување на цените на нафтените деривати, како што е намалување на данокот.
Граѓаните реагираат дека зголемените цени доаѓаат во време кога се трошат резервите што се набавени по пониски цени, што значи заработката е кај дистрибутерите, т.е. бензинските пумпи. Стравувањата се дека скокот на цената на горивата ќе значи и повисоки цени на основните продукти, што со враќањето на цените на дериватите во нормала, не ги враќа и цените на продуктите.




