Фабриката за производство на клима уреди за автомобилите, „Гентерм“ ќе отпушта работници. Информацијата ја потврди заменик-министерот за економија Марјан Ристески. Според Ристески, намалувањето е поради модернизирањето на производството. Непотврдени се информациите дека вработени во оваа американска компанија која има свој погон во ТИРЗ Прилеп, веќе обучила вработени кои ќе ракуваат со роботи, кои ќе бидат воведени во производството.
Според официјалните податоци, „Гентерм “ се занимава со производство на електрична и електронска опрема за моторни возила, вкупно брои 2719 работници со просечната бруто плата по вработен е 51.118 месечно. Во 2024 година компанијата остварила вкупни приход од 3.919.619.307 денари.
Во малиот број на официјални информации, нема податок колку работници ќе бидат отпуштени. Меѓу прилепчани имса информации дека ќе има намалување за околу 200 работници, па дури и дека дел од производствените налози ќе се префрлат во Мароко или Украина.
Заменик министерот Ристески најави дека отпуштените работници ќе може да побараат работа во новата странска инвестиција во ТИРЗ зоната во Прилеп – на германската компанија WIK.
„Знаеме дека за помалку од 1 месец ќе биде отворен и новиот погон на WIK така што голем дел од овие кои ќе останат без работа поради новата линија и новите технолошки процеси во „Гентерм“, се надевам дека ќе најдат работно место во новоотворениот погон на WIK“, изјави заменик министер за економија Марјан Ристески.
Најавата за отпуштања во „Гентерм“ доаѓа во време кога буквално од денеска за утре се потпишаа отказите на дел од ангажираните работници на „Бехтел и Енка“ ангажирани на градењето на автопатиштата од Коридорот 8. Пред само неколку месеци „Гентерм“ најави
„Гентерм“ со владата на Никола Груевски во февруари 2015 година потпиша договор и најави инвестицијата од 20 милиони евра, изградба на објект од 6,5 илјади метри квадратни, како и вработување на околу 2000 лица. Фабриката за производство на термални системи за автомобили и други уреди наменети за извоз на европскиот пазар е отворена во јули 2016 година со ангажирање на над 300 работници. Според Регистарот на директни инвестиции, „Гентерм“ не се води како американска, туку како германска компанија регистрирана во германскиот град Оделхаузен. Како странска инвестиција, добива државна помош.
Пред неколку месеци компанијата најави проширување на производството во прилепската фабрика и ангажирање на нови 300 работници. Но, наместо тоа, стигна веста за намалување на бројот на вработените.
Трендот на намалување на бројот на работници во индустријата го потврдува и Државниот завод за статистика (ДЗС). чии податоци покажуваат пад за 3,6 отсто во јануари 2026 во однос на јануари 2025 година.
– Бројот на работниците во јануари 2026 година, во однос на јануари 2025 година, во секторот Рударство и вадење камен се намалил за 6,2 проценти, во секторот Преработувачка индустрија за 3,6 отсто, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација за 0,5 проценти – објави ДЗС.




