Евакуацијата од Блискиот Исток отвори дилеми: Kолку чинеле летовите и дали се користеле редовни линии?

Евакуацијата на македонските државјани од Блискиот Исток, организирана од државата поради безбедносната криза во регионот, предизвика низа реакции и дилеми на социјалните мрежи – од прашања за цената на летовите до тоа дали граѓаните можеле сами да се вратат со редовни авионски линии.

Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираа дека летот бил организиран според претходно утврден план и во координација со надлежните институции, а трошоците за неговата реализација биле целосно покриени од државата.

„Одлучивме оваа услуга да не ја наплаќаме од нашите граѓани, а причината е што државниот систем е создаден токму во вакви кризни ситуации да им излегува во пресрет на граѓаните“, изјави министерот Тимчо Муцунски.

Според најавите на институциите, во текот на утрешниот ден во Приштина треба да пристигне третата група македонски државјани, за кои е предвидено да полетаат од Ријад, во Саудиска Арабија.

Во меѓувреме, на социјалните мрежи се појавија различни тврдења и критики за начинот на кој се организира евакуацијата. Дел од коментарите тврдат дека постоеле редовни летови на релација Дубаи – Скопје и дека граѓаните можеле сами да си купат билет и да се вратат во земјата. Други, пак, наведуваат дека цените на авионските карти во моментот достигнувале и меѓу 2.000 и 4.000 евра.

Се појавија и тврдења дека државата наводно платила околу еден милион евра за четири летови, што дополнително ја засили дебатата во јавноста. Овие информации засега не се официјално потврдени од институциите.

Од она што официјално се знае е дека државата издвоила 60 милиони денари буџет за сите потенцијални досегашни и идни евакуациски групи од Блискиот Исток:

„Имајќи ја предвид итноста и фактот дека безбедносната состојба тековно се менува, постапката ќе се спроведе согласно Законот за јавни набавки, со примена на скратени рокови предвидени за вакви ситуации. За реализација на оваа услуга се предвидени средства во износ до 60 милиони денари, обезбедени во Буџетот на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во зависност од конечниот број на пријавени македонски државјани и бројот на чартер-летови што ќе се реализираат, можно е да биде искористен само дел од предвидениот износ“, информира Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

Министерот Муцунски на прес-конференција предупреди дека во чувствителни моменти се шират и непроверени информации.

„Ширењето лажни вести создава непотребна паника, ја поткопува довербата во институциите кои деноноќно работат за безбедноста на граѓаните и може да го наруши меѓународниот углед на државата. Последното нешто што посакувам е институцијата што ја раководам, во моменти на криза, да биде принудена да се занимава со демантирање дезинформации“, изјави Муцунски.

Фото: МНР

Дел од реакциите на интернет се однесуваат и на тоа дали државата треба да ги покрива трошоците за враќање на граѓаните кои работат или патувале во регионот. Се појавија и критики дека станува збор за луѓе кои имаат стабилни приходи и би можеле сами да го финансираат патувањето назад.

Од друга страна, има и сведоштва од луѓе кои во моментот се наоѓаат во регионот и тврдат дека ситуацијата не е толку едноставна. Во објави на социјалните мрежи тие посочуваат дека дел од летовите биле откажани или недостапни, како и дека апликациите за резервација не функционирале во одредени периоди.

Од другата страна на конфликтот, Иран, евакуиран е само еден македонски државјанин, кој самиот дошол до границата меѓу Иран и Турција:

„Информацијата за фудбалерот Ашковски стигна лично до мене од пријател на семејството, и тоа во момент кога тој самиот веќе имаше обезбедено логистика за да стигне до границата меѓу Иран и Турција. Потоа направивме директна комуникација меѓу Ашковски, тимот од министерството и тука се вклучи и амбасадата од Анкара, Турција. Најкомплексниот аспект од извлекувањето на Ашковски беше моментот на премин на границата од иранска на турска страна која траела неколку часа. Но, нашата амбасада во Анкара успешно си ја завршила задачата и тој безбедно преминал во Турција и веќе, колку што знам, е во Македонија“, рече Муцунски.

Македонски државјани во земјите од Персискиот Залив најчесто работат во секторите туризам и угостителство, градежништво, здравство и финансиски услуги. Во последните години бројот на иселеници во Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија и Катар е зголемен, а дел од нив се ангажирани во големи инфраструктурни и туристички проекти.

Министерството најави дека евакуацијата ќе продолжи и во наредните денови, нагласувајќи дека приоритет имаат сите македонски државјани кои побарале помош.

„Ќе продолжиме да постапуваме одговорно, транспарентно и координирано – сè додека и последниот македонски државјанин што побара помош не биде безбедно вратен дома“, истакна Муцунски.

(К.М.)

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ