Извршно решение од половина милион евра доби ЈП „Исар“ Штип за струја – како ќе го плаќа долгот?

Општината Штип на денешната седница одобри десет милиони денари (160.000 евра), со кои ќе се плати дел од долгот на ЈП „Исар“, чиј основач е за долг кон фирма од која претпријатието набавувало струја. Скратени се пари од програмата за уредување на патишта.

Сепак, и покрај субвенцијата, овие пари нема да бидат доволни ни да се плати половина од долгот, бидејќи со судска пресуда, ЈП „Исар“ треба да плати над половина милион евра или нешто над 32 милиони денари. Како што беше образложено на седницата, овој долг е направен кон компанијата „Соларпро холдинг АД Софија – подружница Македонија за набавка на електрична енергија.

Од вкупниот износ што треба да се плати, 25,6 милиони денари се основен долг, додека остатокот се затезна камата, судски и други трошоци. Оваа сума веројатно е поголема, доколку се прикаже и насобраната камата до денеска, бидејќи прикажаниот долг е заклучно со 14 ноември 2025 година.     

Советничката од СДСМ Галаба Вереса рече дека општината крати од програма за уредување на патишта за да се плати само еден дел од долгот, додека на оваа седница се донесе одлука со која се зголеми месечниот паушал на Надзорниот и Управниот одбор на „Исар“.

-Ќе го субвенционираме јавното претпријатие со кратење од програмата за патишта и при тоа сепак нема да се исплати долгот. Што ќе постигнеме со субвенционирањето кога пак ќе остане долгот и каматите, а дополнително го оптоварувате претпријатието со зголемување на надоместоците на Управниот и Надзорниот одбор? – рече Вереса.

Претходно на седницата беше донесен одлука со која месечниот паушал за претседателот на Управниот одбор се зголемува на 8000 денари, на членовите по 6000 денари. Претседателот на Надзорниот одбор ќе добива по 6000 денари месечен паушал, а членовите по 4.500 денари.

Опозициските советници реагираа дека на секоја седница се донесува одлука со која се доделуваат пари на „Исар“.

Советникот од Левица, Ангеле Михајловски побара одговорност од директорите, Надозорните и Управните одбори и градоначалниците, кои се амнесираат со одлуката.

-Зошто цело време се амнестираат сите учесници? Има конкретен лик кој го склучил договорот. Имало активни членови на Управен и Надзорен одбор, директори и на крај градоначалник или градоначалници. Не е дадена информација за времето на направениот долг за да знаеме за кои се работи. Со ова покриваме нечие недомаќинско работење, а идните директори ги амнестираме. До кога ќе си играме дипломатија? , праша Михајловски.

Со одлука на мнозинството советници од ВМРО ДПМНЕ и коалицијата, беше донесена одлуката со која се одвојуваат 160.000 евра општински пари за да се плати дел од долгот на ЈП „Исар“.   

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ