„Ако се спореди тоа што ние како Влада го направивме со она што се случи во Кран Монтана во Швајцарија, можам да кажам дека реагиравме неколкукратно подобро. Во сите параметри и во сите споредби, верувале или не, македонскиот систем и институциите реагираа подобро отколку системот и институциите во Швајцарија“ – вака одговори премиерот Христијан Мицкоски на новинарско прашање поврзано со трагедијата во дискотеката Пулс, при неговата денешна посета на Кочани.
„Кога правите споредба на лоши настани, делувате некрофилски и јас не сакам да делувам така, но ќе дадам целосен одговор на вашето прашање“, претходно искоментира премиерот.
Мицкоски изрази жалење за големиот број жртви во Кочани и посочи дека без оглед на институционалната реакција, сепак човечките животи не можат да бидат вратени.
„За жал, не постои начин да ги вратиме тие кои повеќе не се со нас. Но од аспект на системска реакција, кога ќе го споредиме тој настан со оној во дискотеката во Кран Монтана, македонскиот систем и институциите реагираа подобро од системот и институциите во Швајцарија“ – подвлече премиерот.
Од утре стартува тридневната програма со која Кочани ќе одбележи една година од ужасната трагедија во дискотеката Пулс, кога животот го загубија 63 лица, почина еден возач на итната медицинска помош, а 211 беа повредени, од кои 157 со тешки телесни повреди.




