Нов раст на цените на нафтата на денот кога РКЕ треба да одлучува како ќе се продава на македонскиот пазар

Чекавме цела недела цената на нафтените деривати на нашите бензински пумпи да се усогласи со таа на светскиот пазар, за денеска кога Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) треба да одлучува, се случи повторен раст. Цената на суровата нафта „брент“, меѓународната референтна вредност, порасна за 1,8% на 104,98 долари за барел за време на раното тргување изутрината. Тоа е зголемување за повеќе од 40 проценти од почетокот на војната со Иран.

Како што веќе информиравме, РКЕ на 4 март, само пет дена по избувнувањето на конфликтот на Блискиот Исток, донесе нов правилник, со кој цената на нафтените деривати ја менува еднаш неделно. По првиот шок и пораст на светската цена на нафтата следеше стабилизација, но кај нас цените останаа на нивото од понеделник 10 март, кога дизелот за прв пат се продава поскапо од бензинот.

Изутрината цените на нафтата повторно се искачија поради зголемените стравувања откако САД го нападнаа виталниот нафтен центар на Иран на островот Харг, а Доналд Трамп побара од сојузниците да помогнат во повторното отворање на Ормутскиот теснец. Харг, корален остров долг пет милји во Персискиот Залив, оддалечен 42 километри од копното, е клучен центар за преработка на Иран, низ кој обично тече 90% од извозот на нафта на земјата.

Фрустрацијата расте во последните денови, бидејќи трошоците за гориво продолжуваат да растат низ целиот свет. Нафтата би можела да го надмине рекордот од 2008 година од 147,50 долари за барел, бидејќи штетите и затворањето на полињата ризикуваат да го зголемат шокот во снабдувањето предизвикан од војната со Иран.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ