Момчето кое ја освои публиката од Вардар до Триглав, кумановецот Филип Александровски, продолжува сигурно да чекори по музичкиот пат и да ја гради својата кариера. Младиот пејач вчера на социјалните мрежи и на музичките платформи ја објави својата најнова песна со наслов „Ноќ за паметење“, нумера која уште на прво слушање привлекува внимание со својата емоција, модерен звук и впечатлива интерпретација.
Музиката за песната е дело на Димитар Андоновски, додека текстот го напиша Магдалена Ена Цветковска. Целиот проект доби и визуелна приказна преку видео спот снимен во соседна Грција, а режијата на спотот му е доверена на Алек Тасевски. Атрактивните кадри и летната атмосфера дополнително ја доловуваат енергијата што ја носи „Ноќ за паметење“.
Филип Александровски пошироката јавност го запозна преку неговото блескаво учество во Ѕвездите на Гранд, каде со своите настапи и моќни вокални интерпретации успеа да ги освои симпатиите на публиката ширум регионот. Неговата харизма, емоција и посветеност на сцената го издвојуваа како еден од највпечатливите млади натпреварувачи во шоуто.
-Пресреќен сум што конечно „Ноќ за паметење“ ја здогледа светлината на денот. Станува збор за песна во која навистина се пронајдов и уште на прво слушање почувствував дека носи посебна емоција. Огромна благодарност до Димитар Андоновски за довербата, за прекрасната соработка и за тоа што создаде песна во која максимално можев да се изразам како пејач. Снимањето на видео спотот во Грција беше едно прекрасно искуство, исполнето со многу позитивна енергија, дружење и убави моменти кои верувам дека публиката ќе ги почувствува и преку самото видео. Планирам сериозно да се посветам на мојата музичка кариера и во периодот што следува публиката може да очекува уште многу нови авторски песни и проекти на кои веќе активно работам“, изјави Филип.
Со новата песна, Филип уште еднаш потврдува дека станува збор за млад пејач со сериозен потенцијал и јасна визија за својата музичка иднина, а „Ноќ за паметење“ е само уште следен чекор напред во неговата кариера.

