Живее македонската фолк музика, живее селото Владимирово и Берово во знакот на убавите ноти. Вака накратко може да се опише новото издание на Фолк фест „Владимирово 2026“, кој се роди минатата година под палката на маестро Горан Алачки и неговиот Културен центар, а кој годинава на Спасовден, го живееше своето второ издание.

И кога родното село на Алачки го живее иселувањето, како и во целата држава, тој реши да го врати во живот и да му даде музичка душа. На фестивалската сцена македонските фолк ноти ги отпеаја Ленче и Горан Куќиќ, Благица Калева, Благоја Грујовски, Жаклина Узунов, Елена Андонов, Смиља Митревска, Драган Мијалковски, Нино Величковски, Виданка Георгиева, Круме Спаовски, Ванчо Трабунов, а зад нив ел од оркестарот беа Миле Брбаровски, Валентино Бенедети, Ристо Краповски, Никола Митовиќ, Стојан Димов, Лиле Автовска, Васил Атанасов, Орце Лазров и секако Горан Алачки. Легендарни солисти, композитори, доајени на македонската музика.

Салата во Владимирото „Ванчо Чавдарски“ се наполни со гости и љубители на македонската песна. Публиката не ги штееше дланките, пa секоја изведба ја наградуваше со аплауз. На крајот Ленче и Горан ја запеаја „Чувајте ни јa нашата песна“, а на сцената со нив заедно запеаја сите учесници и ја испратија најважната порака:

„Деца наши аманeт ви оставаме, песни наши да не заборавите, да се пеат се дури е овој свет, чувајте ни ја нашата песна убава, вековна…“.

А фестивалите со душа, каков што беше и овој, завршуваат со постфестивалска дружба, иако тоа во последните години е зборавено. Па сите учесници се упатија во култниот беровски ресторан „Бастион“, кој со широко отворени раце ги прими распеаните гости. Софра, дружба, песна ечеше цела вечер. Така е кога на едно место ќе се соберат толку златни грла. Спомени за навек…

Водител на фестивалот беше Ели Танасковска, секогаш на висина на задачата, а за најслушана песна меѓу двата фестивала беше прогласена „Ракија се пече“, која лани ја испеа Ленче Куќиќ. Тоа е и единствената награда на фестивалот, кому повеќе му значи да остави трајни вредности, отколку да доделува награди.

Во секој случај жителите на Малешевијата се благодарни на идејниот творец и организатор Културниот центар „Горан Алачки“ и на Општина Берово која го помогна фестивалот. Градоначалникот Петар Ружински е среќен што ваква манифестација се случува кај нив.

-Му благодариме на Горан Алачки за фестивалот, ја донесе македонската музика, ја оживеа Млешевијата со песна, а ние сме тука да го поддржиме, со песна да ја промовираме Македонија, рече Ружински.

Заврши фестивалот со убави песни, кои секако дека ќе си го најдат патот до публиката, со убави спомени и дружби, кои немаат цена. Па животот се состои од создавање на убави спомени, а фестивалот тоа го пружи…



